Задоцнето будење на Вардар, Кјелце подобар во дербито

Кјелце го победи Вардар со 23-20 во дербито во групата Б, во 9. коло од ЕХФ Лигата на шампионите.

Вардар покажа квалитет во Кјелце, меѓутоа имаше задоцнето будење, па не успеа да ја стигне предноста на домаќинот кој 60 минути водеше. Нашите момци тешко се снаоѓаа со агресивната и цврста одбрана на Кјелце од стартот на мечот и не доаѓаа често во позиција за шут. Резултатот беше рамноправен до 2-2, а потоа Кјелце направи серија од 3-0, па и од 5-1, за да дојде до највисоките 9-4 во 25 минута.

Само поради нашата добра одбрана и фантастичниот Страхиња Милиќ на голот не дозволивме противникот да се размава уште во првото полувреме. Милиќ почна на местото на Арпад Штербик и се покажа извонреден, со 10 одбрани само во првото полувреме, од вкупно 15. На спротивната страна Шмал беше одличен со седум одбрани, па според тоа, првото полувреме беше сиромашно со голови и заврши со 10-6 за Кјелце.

Во вториот дел Полјаците играа без Матеуж Кус, дефанзивецот кој доби директен црвен картон поради старт врз лицето на Сергеј Горбок во финишот на првото полувреме, но ниту тоа не помогна. Кјелце ја градеше својата предност непрестано, а кулминацијата ја достигна со серија од три гола за највисоки 17-10 во 43. минута. Лошата реализација од игра се пренесе и на линијата од седум метри, од каде што погодивме само двапати од пет обиди.

Највисоките плус седум за Кјелце се повторија и во 47. минута, а потоа Вардар се разбуди. Од 20-14 во 50. минута, направивме серија од 4-1 за да дојдеме по подолго време до само три негатива, 18-21, во 56. миунта. Постоеше теорија за целосно враќање, но Кјелце немаше намера да го фрли во вода она што го одработи во целиот меч, па го запре Вардар на три разлика и во финишот. Нашиот тим остана на 10 бода, на четвртото место, два помалку од Кјелце и три од Барселона и од Рајн-Некар. Следниот меч го играме идната сабота во 17:30, против Колдинг.

 

Кјелце – Вардар 23-20 (10-6)
Кјелце: Шего, Шмал 11 одбрани, Агинагалде 3, Бјелецки, Бунтиќ 3, Храпковски, Чупиќ 4, Јахлевски 1, Јурецки 5, Кус, Лијевски3, Рајхман1, Штрлек 2, Вујовиќ, Зорман 1.
Вардар: Штербик, Милиќ 15 одбран, Абутовиќ, Брумен, Циндриќ 2, Дибиров 4, Душебаев 2, Горбок 5, Лацковиќ, Лазаров, Манасков, Македа, Марсениќ 5, Шишкарев 2, Стоилов, Тоскиќ.

сабота, 28 ноември 2015 - 18:09