За пласман во Келн треба да се игра на победа и во Флензбург

Вардар по четврти пат по ред ќе игра меѓу Топ-8 екипи во лигата на шампионите, и повторно како пред четири сезони за пласман на Ф4 турнирот играме со германски Флензбург. Историјата се повторува, па и сега првиот меч од четврт-финалето го играме во Германија на 22 април, а реваншот е во Скопје.

Разликата е што сезонава Вардар влезе како тим што ги прескокна осминафиналните натпревари бидејќи во групната фаза заврши како првопласиран. Тоа досега го нема постигнато ниту една македонска екипа, ниту пак некоја македонска екипа четири сезони е меѓу осумте најдобри тимови.

Останува да се направи чекорот напред што сите го очекуваат, и за клубот ќе биде шлаг на тортата на која работше во изминатиот период. Како увертира за овој натпревар Вардар ја освои и регионалната СЕХА лига, и стана првиот и засега единствен тим со три титули во ова натпреварување.

На прес-конференцијата пред заминувањето за Германија од нашиот табор тврдат дека го знаат квалитетот на ривалот, но и сопствениот. Свесни се дека треба да играат на двата натпревари максимално и без опуштање. Рецептот за пласман во Келн е да се игра на победа уште на првиот натпревар.

Раул Гонзалез - тренер на Вардар

„Треба да играме повторно четврт-финале во ЛШ. Ние сме спремни, иако Игор Карачиќ цела недела не тренираше бидејќи беше болен и незнаеме дали ќе игра во Германија, но сите други тренираа 100 отсто. Ако сакаме да успееме не треба да го чекаме дуелот во Скопје туку треба и таму да бидеме добри. Ние треба да се обидеме да победиме таму, иако тие имаат добра одбрана и напад. Треба да играме како на Ф4 во СЕХА лигата. Очекувам дека ќе биде тешко но имам доверба. Сакам да играме на Ф4, но треба да знаеме дека треба да го искористиме натпреварот таму.

Едуард Кокшаров - спортски директор на Вардар

„Екипата на Флензбург е добра и се бори за првак на Германија и има добри резултати зад себе. Нас не очекуваат два тешки натпревари, нема да ни биде лесно. Ако гледаме што беше направено досега, ние заслуживме да го добиеме резултатот што ни треба. Кога дознавме дека ќе играме со Флензбург, моите ракометни пријатели ми велеа дека нема да ни биде лесно. Јас имам желба овие два дена кога ќе играме со Флензбург, главен да биде ракометот, а не некои други игри.

Арпад Штербик - играч на Вардар

„Тука сме онаму каде што сакавме и каде ни е местото. Со Флензбург ќе се бориме да стигнеме до тој Ф4 во Келн. Имаме еден противник што многу го почитувам, последниве сезони ја освојуваа и ЛШ и во Гермнаија нешто значат. Мислам дека имаме екипа, и ако ги гледаме резултатите преку сезоната треба да ја бараме шансата, а таа шанса е добра да го минеме Флензбург. Нема да биде лесно, но уверен сум во екипата, во публиката и во цела Македонија. Тој еден чекор напред го заслужува и Вардар и македонскиот народ кои со години е со нас и го чекаат овој резултат.

Стојанче Стоилов - играч на Вардар

„Веќе четврта година по ред сме на оваа позиција. трипати претходно не успеавме да се пласираме на тој долго очекуван Ф4. Годинава бевме први во групата, ја освоивме сега лигата, ја имавме најдобрата сезона. Мислам дека си должиме на самите себе, на клубот на навивачите да се пласираме на тој Ф4. Се надевам на позитивен резултат, и потоа со полна сала да го израдуваме клубот и градот.

 

среда, 19 април 2017 - 13:52