Втора победа за Македонија на СП - Поповски одличен со три гола

Македонија веќе го потврди учеството во следната фаза од СП во Германија и настапот во Келн, бидејќи по вториот триумф ќе биде најмалку четвртопласирана во групата. Македонија го победи Бахреин со 28-23 и ќе ги чека следните натпревари против Хрватска, Шпанија и Исланд. Со бодови од тие дуели ќе продолжиме да разигруваме за пласман до 12 позиција.

Мартин Поповски одигра одличен натпревар и ја искористи целосно укажаната шанса од селектотото Гонзалез. Нашето десно крило постигна три гола од шест обиди. Стојанче Стоилов имаше само еден обид за шут, но затоа одлично играше и помагаше во нападот.

Тргнавме одлично и поведовме со 6-2. Потоа лседуваше еден лош период во нашата игра и Бахреин не само штоизрамни туку и поведе со 7-6 во 19 минута. Тоа беа минути во кои не ни одеше ништо. Неколку минути игравме израмнето со повеќе неискористени шанси, па во последните четири минути со серија од 4-0 направивме предност од 12-8 со кој заминавме на одмор.

Потоа во вторите 30 минути од средбата ја одржувавме разликата кој ја зголемивме и до „плус 8". Шанса добија сите да играат, а во последните минути Бахреин постигна неколку гола во серија намалувајќи на 26-22. На крајот победивме со 28-23.

Во следното коло се среќаваме со Хрватска.

недела, 13 јануари 2019 - 16:54