Во трилер завршница бодовите ги освои Мешков

Вардар останува лидер во СЕХА Газпром лигата иа покрај поразот од Мешков 30-32 во 16. коло од регионалното натпреварување. Ова беше последен меч пред домашна публика сезонава во СЕХА Газпром лигата за Вардар, и сега остануваат уште две гостувања, кај Нексе и Извиѓач.

Вардар имаше водство на почеток и на крај од натпреварот, но не успеа во клучните моменти да реализира за да го задржи тоа водство што ќе ни донесе барем реми или пак можеби и триумф.
Во последните минути се играше „гол за гол", а од крилна позиција Дарко Ѓукиќ погоди за водство на гостите од 31-30. Имавме шанса барем да ремизираме, но повторно имавме техничка грешка, и Ѓукиќ повторно погоди на празниот гол на Вардар.

Вардар играше без тројца играчи, Кристијан Дисингер, Вуко Борозан и Сергеј Горбок. На другата страна и Мешков настапи без тројца ракометари: Сандро Обрановиќ, Павел Хорак и Александар Шурински. Белорусите имаа поголем притисок на своите плеќи зашто бодовите им требаа очајно за да останат во игра за Ф4 турнирот. Со овие три бода Мешков е една нога веќе на Ф4 турнирот, а Вардар одамна е пласиран на својот 8 завршен турнир.

Ни требаа дур три минути пред да го постигнеме првиот гол и тоа преку Шишкарев, а потоа и да поведеме со 2-1. Но, наместо да продолжиме со исто темпо, малку застанавме не реализиравме неколку напади, а Мешков тоа го искористида поведе со 4-2 во 7 минута. И од тогаш Мешков имаше предност, а Вардар „бркаше" резултат. На полувреме заминавме со „минус 1", 16-17.

Вториот дел донесе пресврт и водство на Вардар од 25-24, иако претходно гостите имаа предност од 23-20. Но, и покрај предноста на Вардар, Белорусите не се откажуваа и дојде и неизвесниот финиш во кој нашите грешки одеа во полза на Мешков за нивен втор триумф сезонава.

 

 * Фото галерија од натпреварот

* Изјави од прес - конференција

 

Вардар - Мешков 30-32 (16-17)

ВАРДАР: Гедбан (2 одбрани), Милосављев (7 одбрани), Стоилов 2, Кукуловски, Недановски, Поповски 1, Кристопанс 3, Мораеш 1, Карачиќ 1, Скубе 6, Калараш, Чупиќ 5, Дибиров 6, Шишкарев 1, Војводиќ 3, Кисељев 1.

МЕШКОВ БРЕСТ: Пешиќ, Мацкевич, Јашчанка, Кучак 4, Бачко 2, Јуринок 2, Потеко, Ивиќ 6, Шумак 3, Баранов 2, Разгор, Селвијасјук, Ѓукиќ 3, Ѓорѓиќ 8, Шилович 2.

вторник, 5 март 2019 - 19:24