Во недела се спрема фешта и фан зона пред мечот со Барселона

Вардар влегува во добар ритам и во недела во Скопје во групната фаза од лигата на шампионите гостува Барселона. Средбата е закажана за 17 часот. Капацитетот на салата е распродаден, а дополнително за сите навивачи и посетители ќе биде организирана и фан зона пред платото на СЦ „Јане Сандански".

Фан зоната ќе биде отворена од 15 часот па се до почетокот на натпреварот. Таму заедно ќе ги пречекаме нашите ракометари и ќе им дадеме поддршка пред влегувањето во салата каде сигурно ќе врие од навивачки набој и многу песни.

Покрај убавата атмосфера ќе има и добра музика со Ди-Џеј за забава на присутните, продажба на храна и пијалоци по пристапни цени. Но, тоа нема да биде се...

Селфи е дозволено и пожелно. Ќе има и посебна селфи зона. Маскотите што ги гледате во салата сега ќе бидат блиску до навивачите, а и девојките што настапуваат на полувремето и на секој тајм аут во салата сега ќе имаат своја програма. Ако сакате да бидете во боите на својот омилен клуб, тогаш вашето лице ќе добие убаво нацртано. А можете и сами да дојдете во црвено црните бои.

Треба да бидете во фан зоната и да ја почувствувате атмосферата, и да ги видите сите изненадувања. Дојдете заедно да се радуваме на нов успех на Вардар. Ве очекуваме во недела пред СЦ „Јане Сандански".

четврток, 8 ноември 2018 - 17:46