Во Германија ја продолжуваме сезоната од ЛШ

По трумфот во Нови Сад во СЕХА Газпром лигата, новиот предизвик за Вардар доаѓа во среда кога гостуваме во Германија кај Рајн Некар.

Со тој меч ја продолжуваме Лигата на шампионите каде ни остануваат уште четири натпревари за играње од групната фаза. Екипата утре заминува за Франкфурт каде во среда од 19 часот треба да го игра натпреварот.

На првиот меч во Скопје одигран на 6 октомври 2018 победивме со 29-27 со одлична игра во второто полувреме. Германицте водеа со 15-13, а на крајот ние славевме со два гола предност. На тој меч Тимур Дибиров имаше одлична реализација од 8/9 и тој го постигна и 29. гол за Вардар на 2 минути до крај на средбата.

Во досегашните меѓусебни средби, шестпати победувал Вардар, еден меч завршил со реми и двапати победиле Германците. На теренот во Германија имаме две победи и едно реми. Ремизиравме лани, во меч од групата, 21-21, а победивме во 2015 и во 2016 година.

Во јануари и Вардар и Рајн Некар имаа играчи што настапуваа на СП во Германија и Данска. Со златен медал се закити тренерот Николај Јакобсен и данскиот репрезентативец Мадс Менсах Ларсен.

За двете екипи ова е важен натпревар. Вардар е второпласиран со 13 бода, а Рајн Некар им еден помалку. Теоретски Вардар е веќе во осминафиналето, и имаме 8 бода предност во однос на Мешков и Кристијанштад. Но, во меѓусебните дуели со Мешков имаме победа и реми. До крајот на групната фаза треба да играме со Веспрем, Кристијанштад и со Монпелје. Првопласираниот тим ќе игра директно во четврт-финалето а екипите од второ до шесто место ќе се натпреваруваат во осминафиналето.

Важно е кое место ќе бидеме на табелата зашто во случај да играме осминафинале и д абидеме второпласирани тогаш ривал ќе ни биде победникот од двомечот меѓу Спортинг и Динамо Букурешт. Ако сме пласирани од трето до шесто место тогаш ривалот ќе дојде од Група Б од екипите што исто така се пласирани од трето до шесто место. Засега таму во игра за осминафиналето односно од трето до шесто место се Флензбург, Нант, ППД Загреб, Мотор Запорожје, Целје и Скјерн.

На мечот во Нови Сад игравме без неколку играчи, кои се уште не се доволно опоравени. Игор Карачиќ е веќе приклучен на тимот, а кои играчи ќе патуваат за Германија ќе реши тренерот Роберто Парондо по последниот тренинг вечерва.

Досега Вардар има одиграно 132 натпревари во групната фаза од ЛШ, и 61 победа, 15 нерешени средби и 17 порази.

понеделник, 4 февруари 2019 - 10:00