Во Брест не ја искористивме шансата, останува во Скопје да го завериме четврт-финалето

Вардар својата шанса за освојување на првото место во групата и директниот пласман во четврт-финалето на ЛШ ќе ја бара на свој терен следниот викенд. Не ја искористивме првата „меч-топка" бидејќи на гостувањето кај Мешков не освоивме ниту бод, а домаќините на крај се радуваа на триумф, 30-26 (15-13). Тоа е прва победа за Белорусите против Вардар во ЛШ.

И по ова „баксузно" 13. коло во Б групата, Вардар остана лидер. Ние загубивме во Белорусија, а истата судбина ги снајде и Рајн Некар кај Целје, и Кјелце кај Кристијанштад. „Црвено-црните" остануваат на првото место со 18 бода, еден повеќе од Рајн Некар и два повеќе од Кјелце.

Средбата во Брест почна добро за нас, имавме водство, Штербик добро бранеше. Водевме неколкупати со два гола, а имавме и шанса да се качиме на „плус 3" при резултат 4-6 за нас. До 18 минута го задржавме нашето водство од два гола, а потоа дојде до пресврт. Домаќините успешно го валоризираа добриот ден на голманот Иван Пешиќ кој само во првото полувреме имаше 10 одбрани. Во 24 минута домаќините израмнија на 12-12, и потоа целосно ја преземаа иницијативата. Речиси се' им одеше од рака, и голови од тешки ситуации и нашите промашувања, и добриот ден на голманот Пешиќ. Наместо со „минус 1" гол, на полувреме имавме два гола негатива, откако примивме гол од половина терен.

Домаќините потоа продолжија исто како и во првиот дел, брзо направија и „плус 4" за водство 18-14. Вардарци направија серија со која се доближија на 20-18 во 43 минута, но како што ние тешко постигнувавме голови, така домаќините лесно возвраќаа. Мешков стигна и до шест гола, 29-23, а ние само успеавме да намалиме на четири гола.

Во следното коло Вардар е домаќин на Кристијанштад, а Мешков гостува кај Кјелце.

Мешков - Вардар 30-26 (15-13)

Мешков: Пешиќ, Рутенка 3, Јашчанка 3, Бабичев, Кулак 7, Кристопанс 8, Јуринок, Стојковиќ 1, Чарапенка, Шумак, Вукиќ, Продановиќ, Мијатовиќ, Разгор, Остроушко 8, Шиловиќ.

ВАРДАР: Штербик (одбрани 9 топки), Ангелов (одбрани 1 топка), Стоилов, Недановски, Македа 1, Деревен, Карачиќ 5, Душебаев 3, Абутовиќ, Кањељас 1, Циндриќ 2, Чупиќ 5, Дибиров 4, Шишкарев 2, Борозан 1, Марсениќ 2.

сабота, 4 март 2017 - 20:06