Веспрем беше подобар во финалето, Вардар е сребрен во СЕХА

Вардар немаше среќа во финалето на Ф4 турнирот во СЕХА Газпром лигата и не успеа докрај да му се спротивстави на Веспрем, оставајќи го да ја одбрани титулата која ја освои и лани.

Веспрем славеше во Вараждин со 28-26, во еден крајно изедначен натпревар, кој го решија нијанси во завршните минути.

Нашата екипа беше подобра во првото полувреме, кога водеше и со 8-4, во деветтата минута. Сепак, разновидноста и квалитетот на Веспрем почнаа да доаѓаат до израз, па со серија од 3-0, од 11. до 14. минута тој се врати и израмни на 9-9. Но, Вардар не застана овде, продолжи со брза игра во нападот и го одржуваше водството кое на крајот на полувремето изнесуваше 15-14.

Почетните минути од вториот дел беа лоши за Вардар, Веспрем влезе поагресивно во полувремето и првпат на натпреварот поведе, со 17-16. Сепак, овде застана и не успеа да ја зголеми предноста, напротив, резултатот многу често беше нерешен. Упорноста на Вардар се исплатеше и во 48. минута со голот на Алекс Душебаев Вардар повторно поведе, првпат по оние 15-14 од полувремето.

Се менувавме во водството до 55. минута, а тогаш Веспрем дојде до 27-25. Мирко Алиловиќ во вистински момент направи многу важни интервенции и тука беше крајот на нашите обиди за трет пехар во СЕХА.

Овој меч беше добар вовед за четвртфиналните дуели со истиот противник, на 23 и на 30 април, кои ќе решат кој ќе патува во Келн, на Ф4 во Лигата на шампионите.

 

 

Веспрем – Вардар 28-26 (14-15)

Веспрем: Алиловиќ 5 одбрани, Миклер 4 одбрани, Гулјаш 1, Иванчик 1, Шуч, Илиќ 7, Палмарсон 3, Нилсон 1, Наѓ 4, Угалде 2, Маргуч 3, Родригез 1, Терзиќ, Сулиќ 1, Лекаи, Слишковиќ 4.

Вардар: Штербик 9 одбрани, Милиќ 2 одбрани, Ангелов, Стоилов 1, Брумен 1, Тоскиќ, Манасков 2, Македа 2, Карачиќ 2, Душебаев 4, Абутовиќ, Циндриќ 5, Дибиров 4, Горбок 2, Шишкарев 3, 

недела, 3 април 2016 - 22:35