Венио Лосерт е нов член на стручниот штаб на Вардар

Членот на златната генерација на хрватската ракометна репрезентација, Венио Лосерт (45) во иднина ќе биде нов член на стручниот штаб на Вардар1961. Тој ќе биде задолжен за работата со голманите. Доаѓа на местото на Александар Рогановиќ кој заминува поради здравствени проблеми.

Лосерт во моментов работи како тренер на голманите во репрезентацијата на Египет. Со оглед на тоа што Африканското првенство е закажано за подоцна, Лосерт доби дозвола на Египет да може во овој период да работи со клуб, и ќе му се приклучи на Давид Дејвис. Тие двајцата неколку месеци работеа заедно со репрезентацијата на Египет пред Дејвис да замине за Веспрем.
Лосерт остана во Египет и продолжи да работи со Роберто Парондо со кого го освоија седмото место на последното СП што се одржа во Египет 2021 година, а претходно триумфираа и на Африканскиот Куп.

Како тренер на голмани работеше и во Веспрем во 2016 година, а тогаш беше и тренер на голманите на младинските селекции на Хрватска и на сениорскиот тим. Таа година, Хрватска го освои среброто на ЕП 2016 година во Полска.

Во богатата играчка кариера Лосерт има настапувано за екипите на Загреб, Сарагоса, Тека Сантандер, Грањолерс, Портланд Сан Антонио, Кангас, Барселона, Кретеј, Адемар Леон, Копенхаген, Кјелце и Монпелје.
Со Загреб четирпати играше во финалето на тогашниот КЕШ (1995, 97, 98 и 1999), со Кјелце настапи на нивниот прв Ф4 во Келн, со Барселона и Портланд ги освојуваше Асобал лигата, Кралскиот куп, Супер купот на Асобал...

На репрезентативен план има златни медали од Олимпијадите во Атланта 1996 и Атина 2004, и плус бронза од Лондон 2012. На СП освои три сребрени медали, во 1995, 2005 и 2009. Од ЕП има два бронзени медали, во 2012, а во 2016 беше тренер на голманите.

„Доаѓам во Вардар и секако дека тоа е еден нов предизвик за мене. Кога работиш со клуб треба да се грижиш голманите да бидат постојано во форма и да нема осцилации. Со репрезентација се работи за одржување и подобрување на формата за пократок период. Кога Дејвис се договори со Вардар ме праша дали сум заинтересиран да му помогнам. Од Египет дозволија, и ете сум во Вардар. Го следев Вардар во ЛШ, и можам да кажам дека има добри и квалитетни голмани. Ќе се обидам да помогнам, да бидат уште подобри и поконстантни. Верувам ќе имаме добри резултати, вели Венио Лосерт.

Вардар ги почнува подготвките за пролетниот дел од сезоната на 10 јануари, и остануваат да се одиграат уште четири натпревари од ЛШ. Остануваат уште шест кола од регуларниот дел на сезоната, а треба да почнат и натпреварите од СЕХА лигата.

 

среда, 5 јануари 2022 - 15:03

Share on Facebook