Васко Шеваљевиќ е нов член на Вардар 1961

Капитенот на репрезентацијата на Црна Гора, и ракометар на француски Истр, Васко Шеваљевиќ (32) во следните 18 месеци ќе биде член на тимот на Вардар 1961. Шеваљевиќ веќе утре ќе пристигне во Скопје и ќе се приклучи на тренинзите на тимот.

Шеваљевиќ игра на левата бековска позиција и ќе биде засилување за „црвено-црните" во пролетниот дел на сезоната во која вардарци имаат многу згуснат календар.

Црногорецот нема да биде во составот за средбата со Војводина што се игра утре попладне во 17,45 часот, но ќе конкурира кај тренерот Алушовски за следните дуели, па и оној со Нексе на 1 февруари во Скопје.

Потекнува од Ловќен, Црна Гора а во кариерата има играно и за екипите на Сан Антонио (Шпанија), Динамо Минск (Белорусија), Хановер (Германија), Тулуз (Франција), Трембле (Франција) и во последните две години во Истр (Франција). Стандарден репрезентативец на Црна Гора и капитен на последното ЕП во Австрија. Зад себе има настапи на последните 4 ЕП во сениорска конкуренција за Црна Гора.

Шеваљевиќ сезонава на десет средби има 35 гола, а минатата на 18 постигна 77.

„Со доведувањето на Шеваљевиќ ја засилуваме бековската линија за која увидовме дека и треба дополнителен играч. Со неговото ангажирање сметаме дека ќе бидеме уште поконкурентни во продолженито на сезоната и ќе ги оствариме нашите цели а тоа е четврт-финале на ЕХФ лигата на шампионите, Ф4 во СЕХА лигата и титулата во домашното првенство, изјави Михајло Михајловски, претседателот на Вардар 1961.

 

среда, 27 јануари 2021 - 18:58