Вардарци заминаа за Брест на дуел од ЛШ

Со вкупно 17 ракометари во експедицијата, бројни проблеми околу повредите но со мотивација и желба, ракометарите на Вардар отпатуваа за Брест, Белорусија каде во сабота ќе го играат натпреварот од 9. коло од Б групата од ЕХФ лигата на шампионите. За останување во игра за што повисок пласман на „црвено-црните" им требаат бодови од ова гостување.

Единствено Сергеј Горбок остана во Скопје поради повреда. Од младите со екипата заминаа Кизиќ, Карапалевски и Кукуловски. Поради повреда претходната недела со намален интензитет тренираа неколкумина ракометари. Сите ќе бидат во составот на тимот, а кои ќе играат и колку време ќе можат да бидат на паркетот ќе зависи од тоа колку ќе можат да го издржат напорот што го бара натпреварот.

Вардар е на 5. место на табелата во Б групата со 9 бода, а разликата меѓу нас и вторпласираниот Монпелје е само два бода. По ремито на Мотор Запоржје во Германија кај Кил, сега ситуацијата е уште покомплицирана и сите повеќе екипи сериозно се во игра за првото место.

Во меѓусебните дуели на Вардар и Мешков во лигата на шампионите, македонскиот и европски првак има три победи на пет натпревари. Во првиот меѓусебен дуел сезонава во ЛШ победи Вардар со 36-31.

Шансите на Мешков да се пласира во следната фаза од ЕХФ лигата на шампионите се минимални бидејќи по 8 одиграни кола белорускиот тим е на 7 место со само 2 бода, дури шест помалку од Порто. Шампионот на Белорусија двата освоени бода ги донесе од дуелот против Мотор на почетокот на октомври. На сите други загуби. Но, и покрај тоа Мешков секогаш бил респектиран од наша страна, без разлика на тоа каде се играле натпреварите и со кој состав настапувал некој од тимовите.

Средбата меѓу Мешков и Вардар е закажана за во сабота во 17,30 часот со пренос на МТВ 1.

четврток, 21 ноември 2019 - 13:38