Вардарци триумфално против Порто за втор триумф во ЛШ

Во второто коло од Б групата на ЕХФ лигата на шампионите Вардар со 32-27 (14-16) го победи Порто. „Црвено-црните" остануваат на првото место во групата со максимални четири бода. За актуелниот европски првак ова е 71 триумф во ЛШ, и роденденски подарок од играчите за нивниот тренер на голмани, Дејан Периќ кој го прославуваше својот 49 роденден.

Вардар ја продолжи серијата победи во ЕХФ лигата на шампионите, а првпат игравме со Порто од Португалија. Моравме малку да се помачиме, да ги аборавиме двата лоши периоди од првиот дел од натпреварот во кој гостите имаа предност, повеќе да работиме на отстранување на грешките за да може повеќе во сеќавање да ни остане фуриозното второ полувреме кога не само што направивме пресврт туку и покажавме моќ и супериорност.

На самиот почеток на нашите не реализирани напади гостите одговараа со гол, па затоа и имаа предност од 1-3 во 4 минута, а потоа и 3-6 во 9 минута. На брзите контри на Португалците немавме одговор, а често имавме и технички грешки кои противникот лесно ги реализираше. делувавме како да немаме решение за играта на Порто, а некои од примените голови минуваа низ единствениот слободен дел меѓу голманот и стативата. Водството на Порто остана до 17 минута кога Вардар израмни на 8-8, а потоа и поведе со 10-8. И наместо така да се продолжи дозволивме Порто да има сериозна серија од 6-0 со која поведе со 10-14.

Иако Давид Писонеро на 10-11 побара тајм аут со два брзи гола гостите ја зголемија предноста, а дури во 25 минута Сергеј Горпишин од една одбиена топка со малку среќа реализираше за да го „разбиеме малерот". Намаливме на 14-15, во последната минута Родригез погоди за 14-16. Последниот напад го имавме ние, но од последниот удар од девет метри Даинис Криштопанс ја погоди стативата.

Гостите видоа дека можат да му се спротистават на Вардар, па дури и да имаат водство. Нивниот тренер реши во второто полувреме да игра „7 на 6" без голман. А Вардар токму во тој период ја консолидираше одбраната и успеваше да ги затвори сите приоди кон голот на Артурс Кугис. Повторно го гледавме оној препознатлив Вардар со одлична одбрана која ги користи грешките на противникот, знае да одигра прецизно кога ривалот нема голман, успешно краде топки и уште подобро погодува од „гол на гол".

Брзо израмнивме и поведовме со 17-16. Кога во 37 минута Вардар поведе со 20-19, а потоа и „врза" неколку гола по ред со водство беше најава за радост на трибините бидејќи Вардар не само што направи пресврт туку и резултатски успеа д аизбега. Во 45 минута веќе имавме предност од 27-20, и гузина голови постигнати во моменти кога Порто игра „7 на 6" на нашите играчи лесно се справуваат со нивниот напад и брзо реализираат.

Повторно малку падна темпото а Порто намали на 28-25. Но, само како заплашување, а не и реална закана. Повторно следува наша серија на голови и во 54 минута имаме водство од 31-26. Неизвеснота нема, барем околу резултатот и само се чекаше да измине регуларното време, за на крај да прославиме уште една победа.

„Порто одигра добар натпревар, а тоа и го очекувавме. Тие се добар тим и на овој натпревар сосема очекувано дојдоа многу амбициозно. Во првиот дел од средбата ние не успеавме да се снајдеме најдобро. Имавме проблеми со брзата игра на Порто, но имавме и малку одбрани од голманите. Во вториот дел беше сосема спротивно. Голманите дадоа доста помош, а одигравме и добро во одбраната при „7 на 6". Одигравме многу подобро во нападот, и тоа ни овозможи да направиме разлика која на крајот резултираше со наша победа. Во вториот дел од мечот успеавме да поправиме 2-3 ситници. Пред сè тоа беше да веруваме повеќе во себе", изјави Писонеро на прес конференцијата после натпреварот.

Тимуд Дибиров беше мешу најефикасните.
„Очекувавме повеќе публика на трибините. Сепак, и кога е пола сала таа грми како цела. Успеавме и во такви услови да направиме пресврт. Игравме подобро и среќни сме поради тоа што секоја победа за нас е нешто посебно и важно, а потоа гледаме само на следниот натпревар. Сигурен сум дека Порто го очекуваат уште победи во групата од Лигата на шампионите и сигурно ќе имаат уште бодови. Оваа екипа на Порто има голем раст и игра одличен ракомет. Во Порто ќе ни биде многу тешко", рече Дибиров.

 

 

ВАРДАР – ПОРТО 32:27 (14:16)

ВАРДАР: Гедбан, Кугис, Кукуловски, Димитриоски, Кристопанс 7, Карапалевски, Сикошек Пелко, Дисингер, Атман 3, Скубе 3, Калараш 1, Чупиќ 7, Дибиров 5, Горбок, Шишкарев 5, Горпишин 1.

ПОРТО: Кинтана, Бауер, Итуриза 1, Бланко, Мартинс Соарез 4, Мбенгу 1, Хернандез, Силва Соуса Мартинс, Салина Амадор 3, Рибеиро, Фернандез, Боргес Хернандез 3, Бранкињо 6, Ареја Родригез 3, Гомез 3, Магаљаеш 3.

 

недела, 22 Септември 2019 - 20:45