Вардарци се враќаат со бод од Белорусија

По двата меча без освоени бодови Вардар повторно се враќа од гостување во Лигата на шампионите со бодови, овојпат од Белорусија. Против Мешков Брест одигравме нерешено 31-31 што е третпат сезонава да се враќаме дома со бодови. Со овој бод Вардар се искачи на третото место на табелата со 11 бода.

Во најголемиот дел од средбата водеше Мешков, а Вардар само еднаш имаше водство, во првото полувреме. Игравме без повредените Горбок, Борозан и Мораеш, а од 42 минута и без Калараш кој доби директен црвен картон.

Вардар покажа карактер, па и кога имаше негатива од пет голови (25-20) не се предаде. Имавме мотив и волја да се вратиме во игра и го направиме натпреварот неизвесен до самиот крај. Дури ни на моменти чудните одлуки на судиите и исклучувањата не ги извадија од колосек ракометарите. Полека се топеше предноста на домаќините и во самата завршница стигнавме до шанса во последната минута да реализраме за реми.

Тоа и се случи на девет секунди до крај на средбата кога Кристијан Дисингер реализираше за 31-31. Потоа Мешков имаше само шанса но ние тој напад го прекинавме со фаул, па последниот удар од девет метри не беше причина за загриженост.

Повторно имавме еден лош период на почетокот на второто полувреме слично како н анекои други натпревари. Тоа епериод во кој противникот ги користи нашите грешки и прави предност од неколку голови. Почесто бевме со играч помалку, но и во таква констелација знаевме да постигнуваме голови.

На голот во финишот влезе Калифа Гедбан заменувајќи го Дејан Милосављев и токму Алжирецот се покажа како клучен зашто одбрани неколку важни топки.

Во следното коло Вардар е домаќин на Кјелце со што ќе заврши есенскиот дел од сезоната во Лигата на шампионите.

Мешков – Вардар 31-31 (14-13)

ВАРДАР: Милосављев, Гедбан, Стоилов 1, Оцвирк, Поповски, Кристопанс 8, Дисингер 5, Карачиќ 4, Скубе 1, Калараш 1, Чупиќ 3, Дибиров 5, Шишкарев 3, Војводиќ, Кисељев, Мишевски.

сабота, 24 ноември 2018 - 17:50