Вардарци прво во Украина, па во Словачка - два меча за три дена

Три седмици откако го одиграа првиот натпревар со Мотор Запорожје, но во СЕХА Газпром лигата, ракометарите на Вардар повторно патуваат за Украина. Овојпат на дуел од ЕХФ лигата на шампионите против тимот од Запорожје. Во недела од 18 часот се игра мелчот од Б групата на лигата на шампионите а „црвено-црните" патуваат со максимален број бодови. Домашните ракометари имаа два порази на стартот од сезоната во лигата на шампионите.

Патувањето во Украина ќе биде „врзано" со гостување потоа во Словачка, каде вардарци ќе го одиграат и гостинскиот меч со Татран Прешов. Тој меч е закажан за 1 октомври. Вардар од Украина директно патува во Словачка, а потоа се враќа дома.

Вардар го очекува постигнувањето на 4.000 гол во групната фаза од ЛШ со што би бил 12-ти тим кому тоа му успеало досега. Досега имаме постигнато 3.989 голови. Актуелниот европски првак заминува во Украина со серија од пет победи по ред, од што и две во ЛШ.

За разлика од првиот меч со Мотор што беше на самиот почеток на сезоната сега „црвено-црните" патуваат со цел да ја продолжат победничката серија. На тој меч имавме можност барем да извлечеме реми, но не реализиравме пенал во последните секунди.

„ Секако дека натпреварот ќе биде различен. Тој на почетокот на септември беше веднаш по настапот на Супер Глоуб, а сега веќе зад себе имаме повеќе дуели, формата се подобрува. Мотор покажа дека е добар тим и сигурно повторно ќе ни биде тешко да играме. Но, сега има разлика, ова е средба од лигата на шампионите, ние сме целосно фокусирани на натпреварите и така и ќе настапиме и сега, вели Давид Писонеро, тренерот на Вардар.

На овие два гостувања ќе патуваат 18 ракометари. Оние што и досега се бореа за место во тимот. Разлика во однос на првиот меч со Мотор е што сега ќе биде и Калифа Гедбан и плус Сташ Скубе. Со нив двајца сигурно ќе биде поразлично.

„ Веќе игравме со Мотор, само што сега ќе биде поинаку. Ќе бидеме комплетни и плус имаме зад себе повеќе натпревари. Се покажа дека Мотор може да биде незгоден, а ние видовме каде треба да се подобриме. Секако дека одиме на победа и освојување бодови, вели Сергеј Горбок.

Средбата меѓу Мотор и Вардар е закажан за 29 септември во 18 часот по локално време (17 часот по македонско).

петок, 27 Септември 2019 - 15:16