Вардарци повторно го освоија Целје

За само три недели Вардар по вторпат се враќа од Словенија како победник, откако го победи Целје со 32-26, во меч од третото коло на Б групата на лигата на шампионите. Ова е наш трет триумф во ЛШ, и деветта победа на десетте натпревари одиграни сезонава, во ЛШ и СЕХА лигата. Вардар останува на лидерското место на табелата во ЛШ.

Фото: Славко Колар

Свесни беа ракометарите на Вардар дека овојпат дуелот со Целје ќе биде сосема поинаков, и многу потежок во однос на оној во СЕХА лигата. Вардарци беа фаворити на оваа средба, но тоа требаше да го покажат и на теренот. Ни требаше едно полувреме, пред да го направиме потребниот исчекор и резултатски да се одлепиме за да направиме предност која ни донесе мирна завршница.

Целје тргна силно од самиот почеток и поведе со 3-0. Нам ни требаа шест минути за да го постигнеме првиот гол преку Стоилов. Брзо го надминавме почетниот притисок на домаќините и во 13 минута веќе израмнивме на 4-4. Од тој момент веќе полесно се играше, зашто Целје немаше со што да изненади, а ние почнавме да играме според посакуваното. Поведовме со 8-6, а потоа имавме уште неколкупати предност од два гола. Откако последен пат водевме со 11-9, следеше опуштање, и период на технички грешки и нереализирани напади, па Целје прво израмни, а потоа и поведе со 14-13. Но, во последната минута израмнивме преку Кањељас на 15-15.

* Фото галерија од натпреварот Целје - Вардар 

Средбата беше далеку поразлична од онаа на 17 септември кога Вардар го надигра Целје, но во меч од СЕХА лигата со 40-29. Барем првото полувреме навестуваше неизвесност.

Како што почна второто полувреме така нашиата одбрана заигра подобро, нападот стана поефикасен и брзо ја вративме нашата предност од два гола, 18-16, 19-17. Шишкарев и Марсениќ, со по два гола и плус по еден на Циндриќ и Дибиров за 10 минути ја направија потребната разлика, 25-19. Во таа 47 минута изгледаше дека мечот е веќе решен.

Целје не се предаваше, па следуваше серија голови намалија на 26-23 во 53 минута. Се наѕираше неизвесна завршница, откако Зарабец намали на 26-24 во 55 минута. Марсениќ и Кањељас преализираа за наша предност од 28-24, во 56 минута. Домашниот тренер Бранко Тамше побара тајм аут, а Малуш пак намали на 25-28. И следуваше наша нова серија од 2-0 со головите на Циндриќ и Шишкарев, со кои беше се решено. Вардар водеше со 30-25, потоа Борозан и Марсениќ само ставија точка на одличната игра во второто полувреме.

Во следното коло Вардар е домаќин на ПИК Сегед на 16 октомври во четвртото коло на лигата на шампионите.

Целје - Вардар 26-32 (15-15)

Целје: Лесјак, Малуш, Бабарскас, Јанц 3, Разгор, Сухолезник, Маргуч 2, Гросељ, Потеко 5, Гајиќ, Зарабец 3, Кодрин, Мачковшек 3, Млакар 5, Звижеј 3, Бечири 2.

ВАРДАР: Штербик, Ангелов, Стоилов 3, Македа, Деревен, Карачиќ 3, Душебаев 2, Абутовиќ 1, Кањељас 2, Циндриќ 3, Чупиќ 2, Дибиров 5, Шишкарев 4, Борозан 1, Недановски, Марсениќ 6.

 

недела, 9 октомври 2016 - 20:43