Вардар1961 го освои 14. Куп на Македонија

Вардар1961 го освои Купот на Македонија за 2021 година што е 14. трофеј во витрините на најтрофејниот македонски ракометен тим. Во финалето Вардар1961 го победи Еурофарм Пелистер со 26-24 (16-10).

Иван Чупиќ беше прогласен за најдобар играч на Ф4 турнирот, а Борко Ристовски за најдобар голман.


Вардар1961 продолжува да освојува трофеи во Македонија, и останува најуспешната спортска екипа освојувајќи го вкупно 29. трофеј. Со триумфот во финалето на 28. Куп на Македонија, 26-24 (16-10) против Еурофарм Пелистер, екипата на Вардар по 14-ти пат е освојувач на Купот. Остануваме најуспешни, и сезонава по вторпат го победивме тимот од Битола.

Во меч кој се играше во Автокоманда уште од самиот почеток најавивме дека сме решени да го вратите трофејот кој претходно пет сезони по ред беше кај нас. Ривалот од Битола успеа само во 3. минута да израмни на 1-1 преку Јосип Периќ, а потоа се до крај беше во знакот на „црвено-црните".
Дури и кога дојде „густо и неизвесно" во последните минути кога Еурофарм Пелистер намали на само 24-23 во 58 минута, а потоа и на 25-24 во последните 20-тина секунди од средбата одигравме мирно, искусно и преку Иван Чупиќ го постигнавме последниот гол со кој ставивме крај на секоја можна неизвесност. Триумф од 26-24 како потврда за водството и надмоќта во текот на целиот меч.

Го отворивме одлично натпреварот и после 8 минути играње противничкиот тренер мораше да бара тајмаут, откако Вардар поведе со 5-1. Одличното прво полувреме донесе пет одбрани на Борко Ристовски, шест голови на Кристијан Дисингер, четири на Иван Чупиќ и водство од 16-10 на полувреме. Еурофарм Пелистер успеа да се приближи на 13-10 во 28 минута, но потоа Дисингер, Георгиевски и Јагуриновски трипати по ред реализираа за одлична предност. Битолчани во послената минута беа приморани по вторпат да бараат тајаут, но и тоа не помогна бидејќи Ристовски го одбрани тој напад, а Јагуриновски реализираше во последните секунди.

Откако Гоце Георгиевски реализираше за водство 17-11 во 35 минута изгледаше дека нема да имаме проблем да го задржиме високото водство. Тогаш се појавија проблемите во нападот, каде не реализиравме повеќе напади, а се разбрани добро и гостинскиот голман. Предноста полека се намалуваше, но сепка остануваше на „пристојни" 3-4 гола. По еден остар старт на Мирко Радовиќ врз Кристијан Дисингер, нашиот бек падна незгодно и удри со главата на паркетот. Останавме без него до крај на средбата бидејќи мораше да остане на клупата. Ние се до 52 минута ја одржувавме таа предност од 3-4 гола (24-21). Потоа во две акции Маџовски намали на 24-23 донесувајќи неизвесност во самата завршница.

По тајмаутот на Стевче Алушовски, од својата позиција од речиси „мртов агол" со една вртенка Тимур Дибиров зголеми на 25-23, а потоа на 59 секунди до крај противникот побара исто така тајмаут од кој Јосип Периќ реализираше на 19 секунди до крај. Во пресинг по теренот и бркотницата, Иван Чупиќ во последите секунди стави крај и печат на трофејот во Купот, за победа од 26-24.

* ФОТО-ГАЛЕРИЈА ОД НАТПРЕВАРОТ

 
Вардар1961 - Еурофарм Пелистер 26-24 (16-10)
ВАРДАР1961:
Ристовски, Кизиќ, Шеваљевиќ, Валчак, Јагуриновски, Стоилов 2, Георгиевски 4, Карапалевски, Дисингер 6, Јотиќ 4, Калараш, Чупиќ 7, Талески, Дибиров 3, Векиќ, Мишевски

Еурофарм Пелистер: Маркоски 1, Маџовски 2, Кушан 1, Радовиќ 4, Танкоски 4, Периќ 9, Велковски 3.


Стевче Алушовски - тренер на Вардар
„Вардар е тим кој се стреми на највисоки дострели особено во Македонија како во првенството така и во Купот. Кажав после дуелот против Металург дека Вардар е фаворит, но знаев дека ќе биде исклучително тежок натпревар особено овој против Еурофарм Пелистер. Станува збор за екипа која навистина има добар тим и добар тренер. Работат навистина како што треба и беше неизвесно до крајот. Добро го отворивме натпреварот и имавме постојана предност во првото полувреме и имавме проблеми пред сè во нападот во играта 6 на 5 и тоа Пелистер знаеше да го казни и влеговме во неизвесна завршница. Сепак, индивидуалните квалитетни на играчите на Вардар го решија натпреварот".

Иван Чупиќ - играч на Вардар
„Одигравме добар турнир. Дојдовме како фаворити на Ф4 турнирот и го оправдавме тоа. Финалето секогаш е тврдо. Имавме одлична одбрана и одличен голман во првото полувреме, како и лесни голови. Во вториот дел Еурофарм пелистер го покаѓа својот квалитет и се врати во натпреварот и се бореше до крај. Ние сме заморени, но на крајот покажавме карактер и го задржавме водството и мислам дека заслужено го освоивме купот"

Борко Ристовски - играч на Вардар
„Во поголемиот дел од средбата имавме контрола на резулатот. Имавме стабилно водство, а Еурофарм Пелистер не стигна бидејќи исто како и на првиот натпревар игравме со истите играчи и со мала ротација. Посебно во вториот дел од второто полувреме немавме сила и концентрација и правевме грешки кои обично не ги правиме. Еурофарм Пелистер можеше да се врати во натпреварот и да израмни, но Вардар е далеку поискусна екипа. Искуството си го направи своето и го доби овој натпревар. Сосема заслужена победа. Освен десетина минути во второто полувреме сè беше во знакот на Вардар".

 

 

 

сабота, 15 мај 2021 - 20:31

Share on Facebook