Вардар за влакно не успеа да спаси реми во Франкфурт

Рајн-Некар имаше повеќе среќа во финишот од натпреварот со Вардар за да слави со 28-27, спречувајќи го нашиот тим да освои барем бод кој го заслужи со прикажаната игра.

Вардар не успеа да дојде до бод, а беше блиску, имавме напад за да изедначиме меѓутоа Микел Апелгрен, голманот на Рајн-Некар левен беше на место при ударот на Матјаж Брумен чувајќи ја победата на Германците.

Пред овој драматичен финиш, нашата екипа долго време на натпреварот диктираше, контролирајќи го резултатот и водството. Првата офанзива ја направивме по седум минути, кога со серија од три гола направивме мал пресврт и поведовме со 5-3. Рајн-Некар цело полувреме не успеа да е врати во предност, а најблиску беше во 15. минута кога изедначи на 7-7. 

Потоа следуваа нови три гола во низа за Вардар, за 10-7 во 19. минута, предност која ја држевме до самиот крај на полувремето. Водевме со три разлика на минута и пол да крајот, но со два брзи гола, од кој вториот во последната секунда, Рајн-Некар левен намали на 14-15 до одморот.

Серијата на Германците продолжи и во вториот дел, па тие за кратко поведоа. Вардар повторно направи серија од три гола за 18-16, но му недостигаше константност за да го одржи ова ниво и оваа предност. Рајн-Некар возврати со иста мера и во последните 10 минути се играше изедначено. Последниот нерешен резултат, 26-26 беше во 56. минута, но Рајн-Некар не застана. Кога требаше Вардар да изедначи, последниот напад не го реализиравме.

Ова беше петти пораз за нашата екипа во Лигата на шампионите, по кој останавме на петтото место со 12 бода, зад Пик Сегед со 13 и Кјелце, Рајн-Некар и Барселона со по 15 напред. Следниот меч го играме со Кристијанштад, во „Јане Сандански“, на 20 февруари во 17:30 часот.

 

Рајн-Некар – Вардар 28-27 (14-15)

Рајн-Некар: Апелгрен 7 одбрани, Ристоски 5 одбрани, Шмид 10, Генсхајмер 2, Кнер, Сигурмансон 1, Баена 2, Стајнхаузер 2, Ларсен 4, Пекелер 2, Рајнкинд, Гвардиола, Екдал 5.

Вардар: Штербик 8 одбрани, Ангелов 5 одбрани (1 пенал), Милиќ, Брумен, Тоскиќ 3, Македа 1, Душебаев 5, Абутовиќ, Лазаров, Циндриќ 4, Дибиров 5, Горбок 7, Шишкарев 2, Недановски, Марсениќ.

четврток, 11 февруари 2016 - 21:52