Вардар за 15 минути го „реши“ Железничар

Вардар ја продолжи победничката серија во СЕХА Газпром лигата откако и во 28 натпревар по ред остана непоразен останувајќи најуспешна екипа во регионалното натпреварување. Актуелниот првак на СЕХА лигата со 35-20 (14-11) го победи Железничар. „Црвено-црните" во оваа серија имаат 27 победи и само едно реми што никому досега не му успеало. Имаме две победи во новата сезона, двете во сопствената сала, и сега следува гостување кај Татран во Словачка на неколку денови.

Во отсуство на повредените Стоилов и Горбок, првпат сезонава за Вардар играше Игор Карачиќ, а Вуко Борозан дебитираше во СЕХА лигата сезонава.
На Вардар му требаа 25 минути да ги збие редовите во одбрана и да ги намести „нишанските" справи во нападот и откако поведоа со 12-11 потоа сѐ си дојде на свое место. На полувреме домашните ракометари имаа предност од 14-11.

Но, до тие три гола предност не беше лесно да се дојде. Железничар не покажа ни малку респект, а ги искористи и сите грешки што ги направи Вардар во првиот дел. Неколкупати имаа предност од три гола, а на своја страна го имаа и расположениот голман Данило Михаљевиќ со девет успешни одбрани во првото полувреме. Вардар играше со многу осцилации.

Железничар имаше „црна дупка" од 16 минути без постигнат гол, а Вардар од секоја акција реализираше. Тоа беше период во кој „црвено-црните" го решија натпреварот. Серијата од 10-0 беше клучна за пресвртот на средбата. Од негатива 8-11 во 19 минута па сѐ до водство 18-11 во 34 минута Вардар ја потврди фаворитската улога и си овозможи полесно да се доигра средбата.

Но Железничар иако е дебитант во СЕХА лигата не дозволи лесно да биде надигран. Ниту лошите 16 минути без гол не го обесхрабрија. Брзо стигна казната за не реализираните напади на Вардар и гостите намалија на 19-15 во 41 минута. Но, толку од заканата. Вардар во 50 минута стигна до високите 26-18 и се изгледаше веќе рутински. Се менуваа играчите на теренот, па и оние од клупата добија соодветна минутажа, па и младиот голман Марко Кизиќ и бекот Марко Мишевски.

Десетката ја раситнивме во 51 минута кога Кисељев од сопствена половина го погоди празниот гол на Железничар за водство 28-18. Остануваа уште осум минути а Вардар водеше со 29-18, а Сташ Скубе зголеми на 30-18. А до крајот таа предност се зголеми до 35-20.

Вардар – Железничар 35-20 (14-11)
Вардар: Поповски 4, Криштопанс 4, Мораеш 4, Чупиќ 4, Дибиров 4, Кисељев 4, Недановски 1, Карачиќ 3, Скубе 3, Калараш 3, Борозан 1

вторник, 4 Септември 2018 - 21:46