Вардар во финалето на Купот на Македонија

Вардар1961 ќе игра во финалето на 28. Куп на Македонија откако во првиот полуфинален меч го победи градскиот ривал Металург со 27-22. Фаворитската улога што ја имаа „црвено-црните" беше оправдана со одличната игра, особено во второто полувреме кога нашиот тим поведе со 19-12 во 36 минута по што во ниту еден момент веќе немаше дилеми околу победникот.

Тимот од Автокоманда го поведе мечот со 2-0, а потоа следеше брз одговор на вардарци кои со серија од 6-0 направија пресврт и солидно водство од 6-2. Тоа беше причина противникот да побара тајм аут, но и во следните шест минути имавме водство од „плус 5" за 8-3. Но, потоа следуваше еден период во кој не ги реализиравме шансите, дел завршија во статива, дел одбрани противничкиот голман, и Металург во 23 минута израмни на 9-9. Потоа тимот од Автокоманда имаше и двапати ново водство од „плус 1" за 10-9 и 11-10.

Последните четири минути од првото полувреме повторно беа во знакот на Вардар1961. Георгиевски израмни на 11-11, а потоа Чупиќ пресече контра за водство од 12-11. По двете одбрани по ред на Борко Ристовски Дисингер зголеми на 13-11 и повторно се одлепивме на „плус 2". На полувреме заминавме со водство 14-12.

По одличниот почеток на второто полувреме и нашето водство од 19-12 веќе се беше јасно. Металург се обидуваше, но успеа само да намали на „минус 4" кога резултатот беше 23-16 за Вардар1961.

Противник на Вардар во финалето закажано за в сабота треба да биде победникот од дуелот меѓу Еурофарм Пелистер и Бутел.

Металург - Вардар1961 22-27 (12-14)
ВАРДАР1961: Ристовски (13+1 одбран), Валчак 4, Стоилов 2, Дисингер 6, Јотиќ 6, Чупиќ 7, Дибиров 2..

* Фото-Галерија од натпреварот
* Записник од натпреварот - polufinale_na_kup_metalurg_-_vardar1961.pdf

Стевче Алушовски - тренер на Вардар1961
„Како што очекувавме oва беше натпревар во купот кој беше неивесен. Отворивме добро и нправивме 8:3, а пооа пред сè со слабата игра во напад односно огромниот број промашени зицери го вративме противникот во игра, но на крајот од првиот дел имавме плус два. На стартот од второто полувреме рутински направивме разлика и го приведовме овој натпревар во наша победа. Пред нас е еден ден одмор и анализа за следниот противник. Имаме простор за напредок во играта и се надевам на најдобро во сабота. Имаме уште два дена до финале. Очекувам интересен натпревар, а Вардар е фаворит за освојување на титулата"

Тимур Дибиров - играч
„Натпреварите со Металург се секогаш дерби. Кога се игра полуфинале и финале никогаш не е лесно. Можеби делува дека беше лесно, но моравме добро да се потрудиме. Важно е дека успеавме да дојдеме до победа. Работевме неделава за она што не очекуваше со Металург и се подготвувавме за овој натпревар. Некои работи добро функционираа. Имаше моменти на нервоза бидејќи се работи за полуфинале во Купот на Македонија и градско дерби така што на крајот сè е добро".

 

четврток, 13 мај 2021 - 19:55

Share on Facebook