Вардар во финалето на Купот, ќе оди на 15. титула

Вардар ќе игра во финалето на Купот на Македонија откако со 28-24 го победи тимот на Еурофарм Пелистер 2 во полуфиналето на Ф4 турнирот што се игра во Кавадарци.
Противник на Вардар во финалето ќе биде првиот тим на Еурофарм Пелистер кој во вториот меч беше подобар од Бутел.

На овој натпревар Вардар играше без Куни Моралес, Анте Гаџа, Борко Ристовски и Гоце Георгиевски. Шанса за играње доби Ален Ќосевски на десни крило и голманот Васил Гогов, а на среден бек почна Мартин Карапалевски.

Само во почетните минути Еурофарм Пелистер 2 имаше рамноправен отпор по што Вардар резултатски се одлепи, и таа предност ја задржа до самиот крај. Тимур Дибиров со три погодоци во низа им донесе прва предност на „црвено-црните" од два подогока (4-6). Нашето лево крило постигна вкупно десет гола и беше најефикасен на теренот.

Дарко Ѓукиќ по една грешка на одбраната на Еурофарм Пелистер 2, од втор обид го постигна својот прв гол и ја донесе највисоката предност за Вардар, 13-9. До полувреме само битолчани постигнаа два гола за намалување на предноста на 13-11.

Идентично како и на почетокот на натпреварот, веднаш по паузата резултатот го отвори Филип Талески со својот шести погодок. Но до средината на вториот дел ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 ја вратија неизвесноста на овој дуел и повторно го намалија резултатот на „минус еден". Но младите пелистерци немаа сили за повеќе. До 48. минута Вардар комплетно ја врати контролата над играта и резултатот, а Талески ги постави и највисоките „плус пет" разлика за Вардар, 19-24. Во последните десетина минути немаше премногу возбудувања на теренот и вардарци рутински го довршија натпреварот.

 

петок, 13 мај 2022 - 21:02

Share on Facebook