Вардар во финалето на „Хумел Куп“

Ракометарите на Вардар1961 обезбедија место во финалето на „Хумел Куп" во Магдебург, откако славеа над данскиот Холстебро со 33-28. Во финалето „црвено-црните" ќе играат со домаќинот Магдебург.

Фото: Франциска Гора

На последните контроли пред четвртфиналето на СЕХА лигата, Вардар1961 настапува на „Хумел Куп" што се игра во Германија. Во полуфиналето нашите момци го победија данскиот тим Холстебро со 33-28. Во првиот дел најчесто се играше гол за гол, па ниту данската, ниту македонската екипа не направија поголема предност од два гола. Во самата завршница од првото полувреме Данците поведоа со 13-11, по што следуваа три гола на Вардар, и на пауза „црвено-црните" водеа со 14-13.

По седум минути игра во второто полувреме, вардарци се одлепија на плус четири гола предност, 19-15, а за кратко време македонскиот тим имаше и плус шест, 22-16. Во моментите кога Вардар резултатски се одлепуваше и ја правеше разликата, на голот Борко Ристовски имаше повеќе успешни одбрани со кои ја предводеше одбраната овозможувајќи им на соиграчите полесно да го зголемат водството.

Вардар стигна и до плус осум, 24-16. Тренерот на Холстебро повика тајм-аут, по што Данците полека намалија и стигнаа до 25-20. Дамгард стрелаше за 24-27 и ја врати неизвесноста на десетина минути до крајот. Во следниот период најчесто се играше гол за гол, па во 56. минута беше 27-30. Вардар до крајот рутински го одржа резултатот за конечни пет разлика, 28-33.

Филип Талески и Жереми Тото постигнаа по шест гола, Гурбиндо даде пет, Мишевски четири, а Моралес три гола. Ѓукиќ, Чувара и Валчак по 2,
Дибиров, Гаџа и Јагуриновски по 1 гол.

Во утрешното финале противник на Вардар1961 ќе биде тимот на Магдебург. Тие со 33-23 го победија Горење.

 

сабота, 21 август 2021 - 23:06

Share on Facebook