Вардар триумфално во Сегед и „гази“ сигурно кон четвртфиналето

Пласманот во осминафиналето на ЛШ одамна е обезбеден, но со триумфот во Унгарија кај ПИК Сегед од 23-21, сега Вардар е на одличен пат како првопласиран од Б групата директно да се пласира во Топ-8 фазата. По вторпат сезонава а четврти пат во низа го победуваме ПИК Сегед и со новите два бода остануваме лидери со 16 бода.

Почнавме добро со водство од 2-0, а во еден момент имавме и водство 9-6. Интересно беше првото полувреме со наизменични водства на двете екипи. Од нашите „плус 3" и можност да качиме на четири гола, домаќините израмнија на 9-9. И повторно следуваше наша серија за водство од 12-9, а на крај по неколку грешки домаќините намалија на 12-11.

ПИК Сегед беше во налет, и серијата од првиот дел ја продолжи и во второто полувреме создавајќи предност од 16-14.

Клучни беа последните 15 минути од средбата. Домашните водеа со 19-16 во 47 минута. За четири минути следеше целосен пресврт и наше водство од 20-19 како најава за конечно пресметување на теренот. ПИК Сегед повторно израмни, 20-20 и 21-21. Следуваа последните пет минути во кои имавме три шанси, но не реализиравме.

* Изјави од прес-конференција

Игор Карачиќ имаше шанса од пенал да зголеми, но Сиера одбрани. Неговата грешка брзо беше исправена. Тимур Дибиров во 59 минута украде топка, и во контра го најави „последниот удар". Домашните имаа тајм аут и договараа тактика, но со голем притисок дека мора да реализираат. Токму тоа се случи во нападот, ПИК Сегед направи техничка грешка овозможувајќи му на Вардар да го направи и победничкиот напад. Под закана за пасивна игра Алекс Душебаев погоди на 20 секунди до крај, што значеше и нова победа на Вардар во Сегед.

* Фото - галерија од натпреварот

Нападот кога требаше погоди, а Арпад Штербик имаше 13 успешни одбрани, од што три седмери. Кога беше најпотребно ги доведуваше до лудило гостинските играчи, давајќи им шанса на соиграчите да го направат чекорот напред.
Тимур Дибиров постигна пет гола, Алекс Душебаeв постигна четири, а Игор Карачиќ и Иван Чупиќ по три гола.

До крајот на групната фаза Вардар треба да игра уште со Целје, Мешков и Кристијанштад. Имаме добра шанса да го завршиме овој дел од натпреварувањето како првопласирани и да одиме директно во четвртфиналето, нешто што не и успеало на ниту една друга екипа од Македонија.

 

сабота, 18 февруари 2017 - 19:40