Вардар со триумф ја заврши сезоната

Сезоната во домашното првенство на Македонија за Вардар заврши со последниот натпревар одигран во Автокоманда каде „црвено-црните“ триумфираа со 33-29. Во освојување на трите трофеи сезонава вардарци немаа ниту еден пораз, што е нов клупски успех.

Првакот на Македонија однапред беше познат, медалите веќе доделени, а последното коло во плејофот на домашното првенство беше само формалност што требаше да се одигра. Вардар одигра на високо ниво како што доликува за градско дерби покажувајќи дека иако станува збор за крај на сезоната сѐ уште има доволно сила и мотив да се играат вакви средби. 

Салата во Автокоманда традиционално е полна на средбите со Вардар, а овојпат имаше и многу наши навивачи, па дури и Комити дојдоа да се радуваат на уште една победа, давајќи ни поддршка во текот на целата средба. А на крајот играчите знаеја тоа да го наградат, не само со аплауз туку и со заедничко скандирање.
Ова беше последен натпревар за дел од играчите на кои им завршуваат договорите: Лука Циндриќ, Мијајло Марсениќ, Жоан Кањељас, Хорхе Македа, а на трибините поради повреда останаа Илија Абутовиќ и Арпад Штербик.

Домашните ракометари имаа сила да се „држат“ само во првиот дел од првото полувреме. Кога Вардар ја презеде иницијативата и водството, до крајот немаше неизвесност. Тренерот Раул Гонзалез им даде шанса на сите играчи, делејќи ја минутажата по едно полувреме. На одмор се замина со предност од 19-15 за Вардар.

Вториот дел продолжи со исто темпо, разликата од пет погодоци во второто се зголеми до „плус шест", но Металург бргу успеа да ја намали во моментите кога Борозан исклучување , а потоа и црвен картон, па во 42. минута резултатот беше 23-25. Но во наредните пет минути со нова серија, македонскиот шампион се оддалечи на сигурни 24-30 и ја обезбеди својата последна победа. 

 

среда, 30 мај 2018 - 21:44