Вардар со победа над европскиот првак ја заврши групната фаза

Вардар со триумф од 33-27 (16-13) ја заврши групната фаза од Лигата на шампионите. Во осмина-финалето Вардар ќе игра со шестопласираниот тим од Група Б, екипите на Мотор Запорожје или ППД Загреб.

Сезонава Вардар двапати го победи актуелниот европски првак Монпелје, и му се реваншираше за поразот што ни го нанесе на последниот Ф4 турнир во Келн. Во дуел на последните два европски прваци во ЛШ „црвено-црните" излегоа како апсолутни победници и заслужено продолжуваат во Топ-16 фазата со амбиции да одиме уште некој чекор подалеку. Сега патот е отворен кон трет настап во Келн.

Од самиот почеток на натпреварот покажавме дека мотивот е на наша страна, квалитетот исто па иако бевме без повредените Вуко Бозоран и Сергеј Горбох, а од втората минута и без Кристијан Дисингер, во ниту еден момент немаше неизвесност. И со мали падови во играта, што е нормално кога се игра на така високо ниво и со таков ритам повторно бевме тие што го диктираат темпото.

Гостите од самиот почеток одигра грубо. Дисингер во втората минута во еден налет кон голот беше „наместен" од Сусу. Незгодно падна, и неколку минути траеше лекарската интервенција. Кристијан Дисингер мина само со набиници на колкот по незгодниот удар што го доби уште на почетокот на натпреварот со Монпелје. Веднаш замина на преглед во „Систина" каде му беше извршено снимање и целосен лекарски преглед. Утврдено е дека нема посериозни повреди ниту скршеници.

* Фотогалерија од натпреварот

А Монпелје уште по десет минути играње мораше да бара тајм аут. Ние веќе водевме со „плус 5" како најава за нов триумф. Разликата се зголемуваше и стигнавме и до 13-6. Но, кога се игра на така високо ниво со таков интензитет нормално е да се очекува некој пад. Тој пад во нашата игра дојде кога дозволивме противникот да намали на 16-13 на полувреме. Реално имавме шанса да заминеме со „плус 5", но во последните секунди наместо да постигнеме гол направивме техничка грешка и противникот во контра реализираше.

Се гледаше дека темпото што го наметнавме носи и поголемо трошење, а ние моравме да играме со Карачиќ и Скубе на среден и лев бек. Немавме квалитена замена, дојде до неколку не реализирани напади и Монпелје веќе намали на 16-15 а потоа и на 18-17. Гостите веруваа дека можат да направат пресврт, но Вардар со серија од 3-0 повторно поведе и се вративме на сигурните 21-17. Игравме повторно добро, функционираше добро оската бекови - пивотмени, а Стоилов и Мораеш одлично ја завршуваа работат. Полека се зголемуваше нашето водство кое дојде пак на „плус 6" за 25-19.

Кога во 51 минута поведовме со 28-21 веќе беше јасно дека ќе триумфираме. Можеше дури и да се променат играчите, да добијат шанса и оние од клупата. Дејан Милосављев одигра повторно маестрално и некои одбрани сигурно рамноправно ќе конкурираат во изборот на ЕХФ за колото.

 

Вардар - Монпелје 33-27 (16-13)

ВАРДАР: Милосављев (15 одбрани), Гедбан, Стоилов 4, Недановски, Поповски, Кристопанс 7, Мораеш 3, Дисингер, Карачиќ 6, Скубе 3, Калараш, Чупиќ 5, Дибиров 4, Шишкарев, Војводиќ, Кисељев 1.

МОНПЕЛЈЕ: Жерард, Портнер, Вилемино 2, Кауз, Трухановичиус 2, Гребил 2, Гигу 1, Петерсон 4, Ричардсон 4, Кавтичник 4, Бонефон 2, Фаустин, Порт 5, Афгор, Суси, Манду 1.

 

сабота, 2 март 2019 - 19:07