Вардар со победа, а Вардар Јуниор остана без бодови во младинска конкуренција

Двете вардарови екипи стартуваа со првите натпревари од пролетниот дел од младинското првенство, и тоа со победа и со пораз. Во СЦ „Јане Сандански" избраниците на Андријана Будимир и Аце Станковски ја победија екипата на Работнички со 32 : 30, додека Вардар јуниор на гостувањето во Автокоманда остана без бодовите од осмото коло.

Иако во дуел со постари ракометари, кадетската селекција на Вардар што се натпреварува и во младинската конкуренција, 60 минути ги одржуваше ритамот во играта и резултатот. Нашиот противник есенскиот дел го заврши на второто место на табелата, а сега ние, дома, се реванширавме за поразот во првиот дел од сезоната. Многу изедначена игра со жестоки и бескомпромисни напади. Двете екипи се бореа за секој напад, иако во првото полувреме противникот неколку пати се наметна со водство од 3 гола. Упорно ја топевме неговата предност и пред истекот на 30-те минути изедначивме за 15 : 15. Во второто полувреме ја превземавме иницијативата, та гостите резултатски нас нѐ следеа. Иако успевавме да поведеме и со два гола предност, противникот ги користеше нашите грешки во нападот за ново реми. Сѐ до последните пет минути од мечот, кога се изборивме за предност од два гола и успешно ги одржавме до завршувањето на натпреварот. Победивме со 32 : 30.

На гостувањето во Автокоманда, пак, нашите момчиња немаа многу среќа. Избраниците на Пепи Манасков и Стојан Петрушевски силно се противстави на градскиот ривал Металург, но не успеавме да се наметнеме резултатски. Водството кое го имавме во првите минути од натпреварот од 6 : 4, домаќините го намалија веќе по првиот тајмаут. Домаќинот одржуваше предност во текот на 60-те минути. Металург победи со 37 : 29 (20 : 17).

понеделник, 4 февруари 2019 - 09:02