Вардар со четврти триумф сезонава во првенството

Дуелот на Вардар против градскиот ривал Алкалоид им припдана на „црвено-црните" кои со 28-25 славеа и го задржаа лидерското место во групата во првенството на Македонија. Нашиот тим е единствен во групата што сезонава има четири победи од исто толку средби.

Меѓот го игравме без повредениот Дарко Ѓукиќ и без пивотменот Стефан Атанасовски. Мечот тргна со водство на Вардар, и откако Алкалоид преку крилото Александар Стојков од контра поведе со 3-2 тргнаа нашите ракометари силно и брзо дојдоа до 6-3 во 12 минута. Во тој период Мартин Томовски имаше три одлични интервенции меѓу кои и еден седмерец.

Не успеавме да се одлепиме резултатски, па со серија од 3-0 со два гола на Стојковиќ и еден на Серафимов, Алкалоид израмни на 7-7. Во новиот налет Вардар повторно ги користеше своите шанси, и пак направи предност од 10-8 во 26 минута и имаше шанса на „плус 3", но по техничката грешка во напад во полуконтра Иваноски намали на 10-9. Дека гостите нема да се предадат покажа и фактот што иако имаа негатива од 12-9, сепак со серија од 3-0 на 20 секунди до крај на полувремето израмнија на 12-12.

Стојанче Стоилов не реализираше зицер од шест метри на неколку секунди до крај, а голманот Трајковски го „најде во контра„ Дарио Кофиловски кој лесно погоди за водство на Алкалоид од 13-12.

Брзо со почетокот на второто полувреме Вардар ја презема контролата и повторно поведува со 14-13. Но, сега веќе се игра „гол за гол" а Вардар води, а Алкалоид израмнува. Откако Мартин Томовски нанижа две одбрани по ред, кога Вардар имаше водство од 17-16 стигнаа и головите во напад. „Црвено-црните" веќе водеа со 19-16. Грешките во напад се претвараа во голови, и Вардар некако лесно зголеми на 21-17 во 43 мин.

Но, Алкалоид успеа да се врати во игра и да израмни на 21-21, а потоа и водство од 22-21. По седум минути Вардар ја прекинува црната серија и израмнува на 22-22 влегувајќи во последните десет минути во неизвесна завршница. Алкалоид не само што по вторпат на мечот поведе, туку првпат со два гола прендост, 24-22 и 25-23. Не недостасуваше драма и неизвесност, па Вардар брзо врати со 2-0 и плус имаше исклучување на Едвин Омерагиќ.

Дејан Манасков реализираше на празен гол. Мартин Томовски го одбрани пеналот на Петковски, а на спротивната страна Талески погодува за водство на Вардар од 27-25 во 58 минута. Веќе беше решен и победникот.

* Фото-галерија од натпреварот

Вардар - Алкалоид 28-25 (12-13)
ВАРДАР: Ристовски, Манасков 8, Стоилов 4, Моралес 4, Георгиевски 3, Добрковиќ, Карапалевски 2, Томовски, Чувара, Лазаревски 1, Савревски, Талески 6, Ќосевски, Мишевски, Гогов.

Алкалоид: Маркоски 1, Стојков 1, Младеновиќ 2, Серафимов 5, Илиески 2, Стојковиќ 6, Митев 2, Ѓорѓиев 1, Галевски, Иваноски 1, Симоноск 2, Омерагиќ, Трајкоски, Тодески, Кофилоски 1, Петковски 1.

 

сабота, 24 Септември 2022 - 21:40

Share on Facebook