Вардар се враќа триумфално од Флензбург

Дека на Вардар му лежат германски екипи покажа и првиот дуел од четврт-финалето на лигата на шампионите против Флензбург. Нашите ракометари се враќаат со победа 26-24 (15-9) правејќи голем и важен чекор до пласманот на Ф4 турнирот во Келн. Останува да се одигра реваншот, во четврток во Скопје.

Одличното прво полувреме што го добивме со 15-9 го најави нашиот триумф на гостински терен. Во текот на второто полувреме имавме во еден момент и „плус 7" за водство 17-10. Темпото што го наметнавме во првото полувреме, малку падна во вториот дел од натпреварот, но во самата завршница го задржавме водство, и кога беше најпотребно во последните три минути Арпад Штербик имаше две важни одбрани. Можевме и со повисока разлика да се вратиме, но нападот не успеа да искористи седум напади за шест минути, во период кога не реализиравме ниту еден гол.

Уште после осум минути играње од самиот почеток домаќините беа приморани да бараат тајм аут откако поведовме со 3-1. Но, освен намалувањето на 3-2, сѐ понатаму беше во знакот на „црвено-црните". Одлична игра во одбрана, разновидно и прецизно во напад беше рецептот за нашето водство до пет голови уште во 19 минута. Потоа зголемивме на „плус 6" за 12-6, 13-7 и 15-9. Првото полувреме го завршивме и со процент на реализација во нападот од 83 отсто, и со 42 отсто одбранети удари. Иако имавме и седум загубени топки бевме на повисоко играчко ниво, помотивирани и пред сѐ скоцентрирани и подготвени за она што нѐ очекува во Германија.

Секој играч имаше свој период што го искористуваше. На почеток Душебаев, па продолжи Циндриќ, а џокер во самата завршница на првото полувреме беше пивотменот Рожерио. Немаа решение Германците за нашата игра. Тимур Дибиров крадеше топки кога беше најпотребно, а постигнуваше и голови во клучните моменти. Арпад Штербик повторно беше брилијантен, и заврши со 17 одбрани од што и еден пенал.

Кога на почетокот на вториот дел, во 35 минута поведовме и со 17-10 некои можеби помислија дека е сѐ готово. Но, и ние знаевме дека има уште за играње, а Флензбург правеше сѐ да најде начин да ја сврти играта во своја корист. Почнаа и погрубо да играат, а тоа на моменти судиите го толерираа. Само во второто полувреме Вардар имаше осум минути исклучувања, од што и Вуко Борозан во 55 минута, иако тоа беше и повеќе од престрога одлука во моменти кога Флензбург се обидуваше да намали по нашето водство од 26-22.

Во 49 минута Флензбург првпат се приближи на „минус 2" на 21-23 најавувајќи неизвесна завршница. Ние во тие моменти веќе ги имавме искористено двата тајм аута што ни следуваат, а домашните имаа уште еден за користење. Но, Вардар повторно направи разлика и зголеми на 26-22 во 54 минута. Во последните шест минути имавме неколку шанси за гол, но токму тогаш домашниот голман се разбрани и имаше шест одбрани. Ние и покрај исклучувањето на Борозан, се одбранивме, а можевме да реализираме некој од седумте упатени удари на голот на Флензбург.

Реванш натпреварот се игра на 27 април во Скопје.

* Статистика од натпреварот - zapisnik_flensburg_-_vardar.pdf

* Изјави од прес-конференција по мечот

сабота, 22 април 2017 - 19:48