Вардар се враќа од Битола без бодови

Вардар доживеа непријатен и неочекуван пораз на гостувањето во Битола од екипата на Еурофарм Пелистер 2, со 26-27. Тоа е прв пораз за „црвено-црните" сезонава, но и покрај тоа остануваат на лидерското место, само сега заедно со тимот на Еурофарм Пелистер. И двете екипи имаат по 24 бода.

Младите ракометари од Битола имаа водство во текот на целиот меч, освен почетното кога Карапелевски погоди во почетната минута. За разлика од Вардар чии ракометари грешеа, домашните лесно реализираа, па во 5. минута беше 3-1, а набрзо следуваа нови три гола од домашните откако беше постигнат вториот од страна на гостинскиот состав. При резултат 5-2 тренерот Веселин Вујовиќ побара тајм аут, но во следниот напад домашните зголемија на 6-2.

Вардар тешко наоѓаше игра со која можеше да им парира на расположените домашни ракометари, а истовремено нашите ракометари имаа доста шанси што не ги реализираа. Како одминуваше времето само се зголемуваше разликата која во финишот на првиот дел се искачи на највисоки плус пет, 14-9. Сепак, вардарци најдоа начин да намалат и на одмор беше 14-11 за Еурофарм Пелистер 2.

Надежта дека Вардар може да освои бодови се појави на десетина минути до крајот од натпреварот. Тогаш предноста на Еурофарм Пелистер 2 падна на само еден гол, 22-21. До второто израмнување се дојде на три минути до крај кога резултатот беше 24-24 откако Талески реализираше. Сепак, траеше само кратко бидејќи Атанасијевиќ веднаш донесе ново водство.

Моралес израмни веќе во следниот напад, а потоа откако Асеновски донесе водство, Гаџа и Талески не се разбраа при додавање и тука веќе беше јасно. Кузмановски реализираше за 27-25 и Битола можеше да почне да слави.

сабота, 30 октомври 2021 - 22:44

Share on Facebook