Вардар се пласираше во осмина-финалето на ЕХФ лигата на шампионите

Вардар се пласираше во осминафиналето на ЕХФ лигата на шампионите откако во 12. коло го победи Мотор со 38-28. За Вардар ова е прва победа во ЕХФ лигата на шампионите во 2020 година и сега се на 5. место на табелата во Б групата. До крајот на регуларниот дел во групната фаза остануваат уште два натпревари, со Порто во Португалија и со Монпелје во Скопје.


Седма сезона по ред Вардар ќе биде најмалку дел од осмина-финалето на ЕХФ лигата на шампионите. Почнувајќи од сезоната 2013/2014 македонскиот ракометен првак постојано ја минуваше групната фаза и најмалку што стигнуваше беше четврт-финалето. Сезонава на две кола до крај на групната фаза „црвено-црните" повторно се меѓу европската ракометна елита и ќе играат во Топ-16 фазата. Ќе треба да се одиграат уште две кола по што ќе се знае кое место ќе го заземеме на табелата и кој ќе биде нашиот следен ривал.

Кога е најтешко Вардар игра најдобро. Момците тоа и сега го докажаа. Иако останавме без двајца играчи, Даинис Криштопанс и Павел Атман кои добија исписници и сезоната ќе ја продолжат во други клубови, оние што останаа покажаа не само мотивација и пожртвуваност, туку и борбеност, овозможувајќи им н аоние што беа во СЦ „Јане Сандански" да уживаат во уште една победа, да доживеат нов дилириум.

Од стартот на средбата јасно беше дека играчите на Вардар се мотивирани. Тргнаа решително и успеаја брзо да направат предност од пет гола. Практично после десет минути имаа 7-2, одличен Марко Кизиќ на гол и цврстина во одбраната. Сепак, во следните десет минути беше загубен ритамот и му се дозволи на противникот да се врати во игра и да намали на гол разлика, на 11-10. Меѓутоа откако во 22. минута беше побаран тајм-аут работите си дојдоа на свое место, па ракометарите на Вардар засилија и одново отидоа на плус пет, па на одмор имаа 16-11.

Каде што застанаа вардарци во првото полувреме, продолжија и во второто. Работите одеа во позитивен правец, а за десет минути игра беа обезбедени плус девет гола разлика и водство од 24-15. На девет минути до крајот на средбата конечно беше обезбедена и двоцифрена предност, 32-22.

Добија шанса да играат и младите, да потврдат дека веќе се зрели да го прифатат предизвикот и да се соочат со секој противник. На крајот публиката задоволан скандираше „шампионе, шампионе", како и на многу други средби.

Закажавме двобој во осмина-финалето на ЕХФ лигата на шампионите. Го чекаме противникот

* Фото-галерија од натпреварот


 Вардар - Мотор 38-28(16-11)

ВАРДАР: Кизиќ (9 одбрани), Гедбан (3 одбрани), Гогов, Стоилов 3, Кукуловски 2, Димитриоски, Карапалевски 1, Сикошек Пелко 1, Скубе 8, Калараш 3, Чупиќ 6, Де Толедо 2, Дибиров 5, Горбок 5, Шишкарев 2, Горпишин.

МОТОР: Комок (7 одбрани), Будко, Вујовиќ 3, Кубацко 2, Бабичев, Маласинскас 5, Пухоуски 6, Денисов 5, Дорошчук 1, Кравченко, Козакевич 1, Гурковски, Касаи, Кус, Ганчев 3, Паровинчак.

 

сабота, 15 февруари 2020 - 20:58