Вардар против Татран во последниот меч годинава во Скопје

Ракометарите на Вардар во среда (20,15 часот) треба да го одиграат последниот натпревар пред домашната публика за 2018 година. Тоа е меч во регионалната СЕХА лига каде покрај овој дуел со Татран, потоа,  во понеделеник, треба да одиграме и уште еден на гостување кај Стеауа во Букурешт.

Средбата меѓу Вардар и Татран е меч на колото бидејќи Вардар е лидер, а Татран е на делба на второто место. Словачкиот тим сезонава заедно со Нексе се најпријатните изненадувања, и тимот од Прешов сигурно чекори кој пласман на Ф4 турнирот.

На првиот меч сезонава нашиот тим победи на гостувањето со 27-26 во натпревар полн со неизвесност. Затоа и овојпат „црвено-црните" се подготвуваат максимално да одиграат и да победат.

Роберто Парондо - тренер на Вардар
„Ни претстои нов натпревар во СЕХА против одлична екипа, која игра во Лигата на шампионите. Очекувам тешка средба. Нашата цел е да дојдеме до победа и ни претстои добра работа за да се подготвиме за да дојдеме до триумф на оваа средба. Ни остануваат уште две средби до крајот на овој дел од сезоната и очекувам да ги одработиме на потребното ниво".

Стојанче Стоилов - капитен на Вардар
„Овие мечеви пред крај на сезоната се секогаш тешки. Татран е незгоден противник и треба да го сфатиме сериозно. Потребни ни се две победи за да останеме на првото место.“

Билетите за натпреварот се пуштени во продажба и можат да се купат на билетарницата на СЦ „Јане Сандански" и преку www.ticketplus.mk

 

понеделник, 10 декември 2018 - 12:54