Вардар продолжува со победи - лесен триумф против Еурофарм Пелистер

Вардар1961 ја оствари третата победа во домашното првенство, и во дербито на лигата славеше со 35-27 против Еурофарм Пелистер.

 

Според многумина дуелите меѓу Вардар1961 и Еурофарм Пелистер ќе го дадат првакот на Македонија па затоа и со нетрпение се очекуваше гостувањето на битолскиот клуб во СЦ „Јане Сандански".„Црвено-црните" влегуваат во плејофот како најголеми фаворити за титулата и тоа веднаш го потврдија на домашен терен. Осумте гола предност се добра залиха, а можат да бидат и решавачки н акрај од разигрувањето за титулата.

Натпреварот го почнавме со не реализиран напад, по што гостите преку Бојан Маџоски поведуваат со 1-0. Брзо стигнува израмнувањето преку Анте Гаџа, две минути подоцна хрватскиот интернационалец повторно израмнува, 2-2. Од тој момент Вардар1961 ја презема целосната иницијатива и водството кое го задржува до самиот крај. До 14 минута вардарци двапати имаа предност од „плус 3" за водство 6-3 и 7-4. Од првите осум гола на Вардар, дури пет беа на Гаџа и Дисингер.

Вардарци играат одлично во одбраната, пожртвувано, „се фрлаат" за секоја топка, секој премин низ одбраната е затворен. Препознатливата игра со 5-1 и истурениот Тимур Дибиров носи резултат. Сконцентрирано, и пред се агресивно во одбрана, трпеливо чекајќи ја својата шанса додека ривалот не погреши или шутне од неизградена ситуација.

Откако во 15 минута Мандалиниќ од пенал намалува на 8-7 повторно одбраната „стегна„ а наадот беше брз и прецизен. Гаџа зголеми на 10-7 во 19 минута, а гостите побараа тајмаут. Но, Вардар направи нова серија од 3-0 и се одлепи на 13-7. Овие плус шест не беа пречка Еурофарм Пелистер да се откаже, па на нашите две грешки тие брзо возвратија да намалат на 13-10. Сега Стевче Алушовски беше во позиција да бара тајм аут, и по него откако Дибиров не реализираше гостите намалија на 13-11.

Кога битолскиот тим ќе се приближи сериозно тогаш Вардар уште повеќе додава гас. Така беше и сега, па со нова серија од 3-0 во 28 минута водевме повторно со „плус 5" за 16-11. Во последната минута Чупиќ не реализираше пенал, ама затоа во последните секунди погоди на 17-12, резулатат со кој се замина на одмор во соблекувалните.

Петката од првото полувреме брзо се зголеми само што почнаа вторите 30 минути. Филип Талески со гол во контра зголеми на 21-14 во 33 минута. Тоа беше најавата дека Вардар не само што сака победа, туку сака и доминација и висока разлика.

Тимур Дибиров во 48 минута првпат реализираше за водство од 10 гола, 30-20. Потоа уште еднаш ја имавме таа предност, 32-22. До крајот на средбата веќе се беше рутина, но Еурофарм успеа да намали на „подносливи" седум гола негатива. Сепак Дисингер стави печат на убедливата разлика, и реализираше за 35-27.

 

Следува поширок извештај

* Изјави по натпреварот

* Записник од натпреварот (статистика) -  vardar-eurofarmpelister.pdf

* Фото-галерија од натпреварот

сабота, 27 март 2021 - 19:31

Share on Facebook