Вардар повторно во финалето на СЕХА лигата

Вардар по седми пат ќе игра во финалето на СЕХА Газпром лигата откако го победи Мешков со 25-23. Утрешен ривал на Вардар во финалето е тимот на ППД Загреб.

Вардар заврши половина од работата на Ф4 турнирот на СЕХА Газпром лигата победувајќи го Мешков со 25-23 (14-10). Со овј триумф Вардар стана единствен тим што по седим пат ќе игра во финале на Ф4. Досега четирипати победувал, а сега очекува да биде и првиот тим што освои пет титули и три во серија.

Само два мали периоди во целиот натпревар во кои Мешков имаше водство, а се друго мина во доминација на „црвено-црните". И покрај на моменти грубата игра на домашните ракометари, па и „чудните" одлуки на судиите Вардар имаше сила и голем мотив. И не дозволи изненадување.

Дури и кога Мешков во второто полувреме водеше тоа брзо се смени. На четири минути до крај Мешков намали на 23-22, а потоа следува три гола на Вардар за 25-22.

„Се надевавме дека ќе дојдеме до финалето. Знаевме дека ќе биде тешко бидејќи секогаш е тешко против тим кој игра на домашен терен на ваков турнир. Среќни сме и треба да одмориме после овој натпревар. Има време за подготовка. Не се потрошивме многу. Беше тешко на психолошки план бидејќи цела сала беше против нас. Најважно и драгоцено за нас е што успеавме во еден ваков меч да победиме. Докажавме дека имаме тимски карактер и тимски дух кој е нашиот најголем адут, изјави Тимур Дибиров.

Еден од јунаците на натпреварот беше Дејан Милосављев со 18 одбрани.

„Одбраните не се важни колку се на број туку во каков момент се направени. Залудно е ако јас имам 15-20 одбрани ако не и помогнам на екипата кога е потребно и што ќе играме ново финале", изјави Милосављев.

Утре финалето со ППД Загреб е во 19 часот.

* Фото галерија од натпреварот

 

Вардар - Мешков 25-23 (14-10)

ВАРДАР: Милосављев (18 одб), Гедбан, Стоилов 7/7, Поповски, Кристопанс 5/9, Мораеш, Дисингер 1/4, Карачиќ 3/5, Скубе 2/4, Калараш 1/2, Чупиќ 3/4, Дибиров 2/3, Горбок, Шишкарев 1/1, Војводиќ, Кисељев.

МЕШКОВ БРЕСТ: Пешиќ, Чарапенка, Кулак 1, Бачко, Јуринок 2, Потеко, Ивиќ 1, Шумак 1, Баранау 3, Хорак 2, Разгор 2, Обрановиќ 3, Селвијаскјук 1, Ѓукиќ 2, Ѓорѓиќ 3, Шилович 2.

 

вторник, 2 април 2019 - 20:53