Вардар потпиша со летонскиот џин Кристопанс

Летонскиот репрезентативец Даинис Кристопанс (26) кој игра на позицијата десен бек потпиша тригодишен договор со Вардар.

Највисокиот играч во лигата на шампионите сезонава, со 213 см. реши својата кариера да ја продолжи во Македонија како дел од тимот на Вардар. Кристопанс кој е стандарден дел од репрезентацијата на Летонија ја засилува позицијата десен бек во нашиот клуб, од каде на крајот од сезоната ќе си замине Алекс Душебаев. Договорот е на три години почнувајќи од сезоната 2017/2018.

Ракометната јавност Кристопанс повеќе го запозна откако со Татран Прешов почна да се натпреварува во СЕХА лигата. По пет години минати во Словачка следуваше трансфер прво во Катар каде остана неколку месеци, а потоа замина во амбициозниот клуб од Белорусија, Мешков од Брест. Таму стана првак на Белорусија и ја освои двојната круна. Со клубот играше и во „послабата дивизија" во лигата на шампионите. Стигна до осминафиналето, но налета на идниот европски првак Кјелце. Со Мешков играше и на Ф4 турнирот во Вараждин, освојувајќи го четвртото место.

„Секогаш е задоволство кога можеш да потврдиш дека сте успеале да донесете играч кој е веќе докажан, но се уште може да напредува и заедно да се радуваме на нови победи. Даинис Кристопанс доаѓа во Вардар како големо засилување за тимот, не само во нападот туку и во одбрана. Веруваме дека неговото доаѓање ќе придонесе за уште подобра игра на екипата, и во одбрана и напад, а тој ќе ги покаже сопствениот раскошен талент и квалитети, вели Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар.

Кристопанс лани ја имаше најдобрата сезона во ЛШ, постигнувајќи 62 гола. Сезонава постигна 23 гола на пет натпревари. Во СЕХА лигата има постигнато 25 гола на седум натпревари, и е втор најдобар стрелец во тимот.

„Минав две извонредни години во Брест каде имав мотивиран и перспективен тим. Сега е време за продолжување натаму во мојата професионална кариера и затоа најмногу го одбрав Вардар. Имаше многу други заинтересирани топ клубови, од Германија, Шпанија, Унгарија, Белорусија. Но, Вардар му понуди најдобри услови за унапредување како професионалец, и Вардар е еден од најамбициозните клубови во светот во моментов, изјави Кристопанс.

среда, 26 октомври 2016 - 15:01