Вардар победнички пред домашна публика

Вардар посака да има поддршка од публиката и ја доби, а за возврат им овозможи на своите навивачи да уживаат во одлична ракометна претстава на која „црвено-црните" со 35-27 го победија Мешков Брест во второто коло од ЕХФ лигата на шампионите. Нашиот тим се врати на победничките патеки во елитното европско натпреварување, и по две кола во ЕХФ лигата на шампионите има три бода.

Македонскиот неприкосновен првак одиграа моќно и доминираше во текот на сите 60 минути. Имаа неколку мали падови во вториот дел, но ова е огромна победа која ја зголемува самодовербата. Гостинскиот им само на почетокот успеа да израмни, 1-1. Се друго беше во знакот на Вардар.

Навивачите си добија нови миленици. На веќе стандардните Дибиров, Стоилов, Гаџа... сега се приклучија и Томовски, Кевин Њокас, Моралес, Тото... Го добивме и голманот Али Сафар кој е првиот ракометар од Кувајт што настапил во меч од ЛШ и постигнал гол. Повторно Вардар е најсилен кога сметаат дека е аутсајдер.

Од самиот почеток на средбата се виде решителна игра на Вардар, желбата да се победи и концентрација која водеше кон триумф. На трибините веќе после 12 минути почна радоста, а „вулканот" во СЦ „Јане Сандански" беше активиран. Вардар водеше со 7-3 а гостинскиот тренер мораше да бара тајмаут . Тоа беше најава не само за добар натпревар туку веројатно и ефикасен.

Предноста во првото полувреме постојано растеше. Иако имаше малку голови во првите десет минути во продолжението од натпреварот работите тргнаа на подобро. Разликата почна да се зголемува. Вардар имаше главно плус четири гола, но гостите надоместуваа и се враќаа на два гола. После 20 минути игра разликата беше 11-9 а потоа и 12-10 за Вардар. Мала криза во играта, односно не реализирањето на шансите им овозможи на гостите да се вратат во игра.

И покрај тоа што гостите се држеа следуваше период во кој Вардар заигра одново на високо ниво, а головите паѓаа од сите можни позиции што резултираше со водство од шест гола за на одмор да се замине со 19-13. Мартин Томовски имаше седум одбрани во овој дел од натпреварот, одбраната делуваше на моменти непробојно, а гостите немоќни.

* Фото-галерија од натпреварот

Тешко е да се игра цел меч на високо ниво во силен ритам. Второто полувреме ја донесе првата поголема криза во играта на Вардар. Откако за четири минути игра Вардар стигна до 22-15 дојде до пад во ритамот. Многу лесно беа примени неколку погодоци, а тоа допринесе тимот на Мешков Брест да се врати во игра и да намали. Во 40. минута Вардар имаше само 22-19.

Сепак, немаше простор за паника бидејќи ритамот беше зачуван, но се бараше играта со која ќе се дојде до враќање на сигурната предност. Таа дојде после 26-23 во 46. минута. Десниот бек Кевин Њокас тргна со сите сили за да докаже дека Вардар не направи грешка кога го ангажираше. Осумте гола на мечот се само потврда за неговиот квалитет кој кога беше потребно им даваше мотив и на другите играчи.

Последните пет минути Вардар повторно „пристина на гаста" и од плус шест (32-26) на крајот стигна до 35-27. Огромна радост на трибините. Играчите заедно со навивачите прославија уште една победа во ЛШ како најава за домашното дерби против Еурофарм во недела во СЦ „Јане Сандански".

 * Статистика од натпреварот - vardar1961-meshkov_22.09.2021.pdf  


Изјава по натпревар Вардар1961 против Мешков Брест

Даниел Гордо - тренер Мешков
Би сакал да им честитам на Вардар бидејќи одиграа одличен натпревар, можеби најдобар сезонава. Се надевам дека ќе бидеме ривали и во СЕХА лигата. За Вардар денес беше одличен ден, одиграа во одлична атмосфера во салата. Не сме задоволни од нашата игра. Почнавме лошо, и во одбрана, како и во напад. Исто така, во второто полувреме се обидовме да се опоравиме со нашата одбрана, да бидеме конкурентни, но направивме многу технички грешки. Имаме повредени играчи, така што тоа влијаеше врз нашата игра.

Владимир Врањеш - играч на Мешков
Вардар добро отвори во првото полувреме, имавме лош старт, најчесто во одбраната. Второто полувреме ја сменивме одбраната на 5 до 1, успеавме да ја намалиме разликата на 2-3 гола. Направи неколку грешки, а Вардар доби шанса да го контролира натпреварот. Не мислам дека оваа разлика е реална, но тие заслужија да победат.

Веселин Вујовиќ - тренер на Вардар
Навистина го ценам тимот на Мешков. Го отворивме мечот со голема мотивација, ни помогна атмосферата во салата и неколкуте одбрани на Томовски. Бевме понесени од таа атмосфера. Нашите шутери беа одлично расположени, додека нивната одбрана имаше многу лош ден. Кога тие играа 5 - 1, ми беше проблем да играм со браќата Ниокас, бидејќи тие се уште не се доволно воиграни со тимот, но јас најдов решение со Дибиров на средината. Мислам дека заслуживме да победиме. Мешков има голем број повредени играчи и тоа го искористивме денес.

Мартин Томовски - играч на Вардар
Создадовме добра разлика на почетокот и ја задржавме. Бевме задоволни како игравме, имавме некои падови, но ние сме нова екипа, се уште влегуваме во ритам. Верувам дека ќе бидеме подобри и подобри со секој натпревар. Исто така благодарност до фановите за големата поддршка.

 


среда, 22 Септември 2021 - 23:58

Share on Facebook