Вардар победи - Кизиќ покажа дека е иднината на клубот

Со новиот триумф, 36-31 против Мешков, четврти сезонава во групната фаза од ЕХФ лигата на шампионите, екипата на Вардар се искачи на второто место на табелата со осум бода.

Кога ќе се одигра тимски, ќе се заборават проблемите, ќе се даде максимумот - тогаш успехот е загарантиран. Вардар покажа повторно дека знае како да се извлече од криза, како да и приреди на публиката моменти за уживање, а тие да возвратат со громогласно и френетично навивање и поддршка. Имавме проблеми со повредени грачи, но тие што беа во игра повторно се надминаа, одново докажаа дека имаат лавовско и шампионско срце.

Го повториме успехот од лани. На истиот датум игравме во Скопје со Мешков и победивме со 30-23. И сега бодовите останаа кај нас, и ова е трет триумф на Вардар во дуелите со Мешков во ЛШ.

Ова беше 148 натпревар за Вардар во ЛШ, и 73 победа со што се искачивме на 12. место со 73 победи, една повеќе од германски Рајн Некар Ловен. „Црвено-црните" остануваат најуспешниот македонски тим во лигата на шампионите на сите времиња и според сите параметри.

На овој меч ни требаше победа за враќање на довербата, за подигање на моралот, за заборавање на претходните два натпревари и за мотивирање пред она што следи. Овој месец ќе биде клучен за многу работи, и одлично е што го почнавме со триумф и бодови што многу ни значат.

Кога ќе одиграме добро во одбрана и за момент ќе добиеме и крилја и поддршка од голманите полесно се игра. Така беше и овојпат, кога Гедбан ќе одбранеше правевме предност, а кога и младиот Марко Кизиќ го покажа на целиот свет талентот што го поседува и имаше неколку одлични одбрани Вардар веќе имаше водство што ни носеше триумф.

Почетокот на средбата мина во знакот на ракометарите на Вардар кои поведоа со 2-0. Иако гостите израмнија брзо, во 9. минута одново имаше плус два и 5-3, а првпат на три гола разлика се отиде во 13. минута при 9-6. Ова беше знак за тајм-аут кај гостите, а веднаш потоа успеаја одново да дојдат до негатива од само еден погодок. Вардарци, сепак, успеаја да исконтролираат и да останат на плус два, но никако не можеа да зголемат на три гола разлика.

Сепак, после 20 минути игра конечно одбраната почна да дава резултати и да овозможува контри и полуконтри кои во 24. минута донесоа четири позитива и водство од 17-13. Меѓутоа противникот брзо врати, а потоа и среќата беше сојузник на „црвено-црните" бидејќи беа со ракометар помалку и играа без голман, а Мешков Брест двапати промашуваше, па до крајот на првиот дел остана разликата од два гола и 19:17 на одмор.

Вториот дел вардарци го почнаа фуриозно. Тргнаа со три гола за неполни две минути и брзо обезбеди плус пет што даде можност за помирно продолжение на средбата. Мешков се обиде да се врати и успеваше на моменти да дојде до три гола негатива, но не и да направи нешто повеќе. Тоа отвори простор за контрола на резултатот, па Вардар постојано беше во позитива која даваше гаранција дека на овој дуел ќе бидат обезбедени два бода.

 

Едуард Кокшаров - тренер на Вардар
„Имаме проблеми со повредени играчи. Не можевме да ја играме 6-0 одбраната која ни е најсилна страна и морвме да одиграме 5-1. Би им се заблагодарил на ракометарите кои денеска беа на теренот бидејќи до последната секунда дадоа сè од себе. Денеска одработивме одлично и заслужено дојдовме до победата"

Марко Кизиќ - голман на Вардар
„Ова беше многу важен натпревар за нас за да можеме да се вратиме на 2. место во табелата. Иако беше тешка средба, сепак, игравме дома и тоа ни даде предност и многу голем мотив. Одиме и понатаму во висок ритам и ова беше средба на која докажавме дека и понатаму имаме квалитет".

Раул Алонсо - тренер на Мешков
„Му честитам на Вардар за заслужената победата. Ова беше тврд и тежок натпревар за нас. Имавме проблеми бидејќи Шумак не можеше да игра на овој натпревар и без него се виде дека имаме проблеми во одбраната. Со Акабре се обидовме да надоместиме, но заработи црвен картон. Имавме и многу исклучувања. Вардар ги казни сите наши грешки и во првото и во второто полувреме. Особено тоа се виде во второто кога лошо почнавме. Сепак, се обидовме да се вратиме и потрошивме многу енергија. Имаме многу повредени играчи и не можевме да направиме ништо на овој дуел".

Симон Разгор - играч на Мешков
„Дојдовме во Скопје со проблеми со повредени играчи и тоа ни се одрази и на нашата игра. Мислевме дека можеме да победиме. Верувавме во тоа дека можеме да направиме нешто. Сепак, имавме катастрофален почеток на вториот дел кога не одигравме како што треба и после беше тешко. Вардар е Европски првак и без разлика на формата во која игра не е лесно ниту да се игра, а уште потепко е да се победи против него особено во Скопје. Ние ќе се обидеме да го направиме тоа на наш терен"

 

Вардар - Мешков 36-31 (19-17)

Вардар: Гедбан (4 одбрани), Кугис, Кизиќ (5 одбрани), Стоилов 2, Кукуловски, Димитриоски, Кристопанс 9, Карапалевски, Сикошек Пелко 1, Дисингер 1, Скубе 6, Калараш 5, Чупиќ 7, Дибиров 2, Горбок, Шишкарев 3.

Мешков: Пешиќ (4 одбрани), Мацкевич (4 одбрани), Канкараш 4, Кулак, Паниќ 5, Шкурински 4, Андрејев, Јуринок 1, Обрадовиќ, Акамбре 2, Баранов, Разгор 1, Селвјашчук, Ѓукиќ, Вајлупов 9, Малус 5.

 

недела, 3 ноември 2019 - 23:46