Вардар по третпат сезонава без бодови на дуелите со Кил

Вардар останува на 6. место на табелата во Б групата од ЕХФ лигата на шампионите и со големи шанси да продолжи во Топ-16 фазата иако загуби на гостувањето кај Кил, 23-34 (14-18). По третпат сезонава, а вторпат во групната фаза германскиот тим на крајот од натпреварот се радува на победата. „Црвено-црните" и покрај негативниот резултат од Германија остануваат во игра за подбро место на табелата за осмина-финалето.

На дуелот во Германија бевме без Даниил Шишкарев, Марко Кизиќ и Артурс Кугис кои останаа во Скопје, а на листата на повредени е и Кристијан Дисингер. И покрај овие проблеми „црвено-црните" речиси три четвртини од натпреварот беа во игра, иако заостануваа и секогаш му „дишеа во врат" на противникот.

Успеавме да намалиме и на само два гола негатива, во второто полувреме, но само мало невнимание и слаба концентрација значеше и ново резултатско одлепување на ривалот. Кризата на Вардар траеше десет минути, од 40 до 50 минута кога домашните ракометари направија серија со кога „избегаа" на 27-20. Тоа беше период што значеше дека Кил ќе има солидна предност до крајот и тоа тешко ќе може да се стигне.

И повторно намаливме на 27-22, како надеж дека можеби имаме шанса да се вратиме во игра. Но, Кил пак имаше серија откако зголеми на 31-22 на четири минути веќе немаше дилеми кој ќе ги освои бодовите.

Во првото полувреме бевме рамноправни, иако резултатски имавме негатива. Малку подобра концентрација во нападот сигурно ќе донесеше и поголема неизвесност. До 45 минута Вардар навистина играше добро, многу различно од некои натпревари во есенскиот дел. Но, не издржавме во тоа темпо.

Сега остануваат уште три натпревари, два домашни и еден гостински. Она шесто место на табелата и пласман во осмина-финалето е речиси сигурна опција, но подобро би било ако успееме да се искачиме некое место погоре. Тогаш сигурно ќе бидеме барем малку помирни и за четврт-финалето, и ќе можеме да мислиме како да стигнеме до Топ-8 фазата.

Но, одиме по ред.
Следниот меч го играме во Скопје против Мотор Запорожје на 15 февруари.

Кил - Вардар 34-23 (18-14)

КИЛ: Ландин, Квенштет, Дувњак 1, Рајнкинд 4, М. Ландин 6, Вајнхолд 2, Винцек 1, Екберг 8, Рамел 4, Дамке 1, Зарабец 4, Хорак, Билик, Пекелер 3.

ВАРДАР: Гедбан (6 одбрани), Гогов, Стоилов 5, Кукуловски, Димитриоски 1, Кристопанс 6, Карапалевски, Сикошек Пелко, Атман, Скубе 2, Калараш 2, Чупиќ 3, Де Толедо, Дибиров 4, Горбок, Горпишин.

 

среда, 5 февруари 2020 - 23:01