Вардар отпатува за Норвешка - во тимот се и браќата Њокас

Екипата на Вардар1961 отпатува за Осло, Норвешка каде утре го игра првиот натпревар од групната фаза од Лига на шампионите.

Средбата меѓу Елверум и Вардар е закажана за утре, 15 септември 2021 година со почеток во 18,45 часот.

Делегацијата на Вардар1961 е составена од 22 членови. Од стандардниот состав на Вардар, во Осло не отпатуваа Борко Ристовски, Анте Кудуз и Едуардо Гурбиндо. Во екипата се и браќата Оливие и Кевин Њокас.

Во прилог се изјави од тренерот Веселин Вујовиќ и десното крило Дарко Ѓукиќ

Веселин Вујовиќ
„Патуваме за Норвешка каде исто така треба да ги испочитуваме сите Ковид протоколи, а потоа и да играме со екипа која мислиме дека можеме да ја победиме. Јас се уште не ја знам вистинската сила на мојот тим. Не играњето на Ф4 во СЕХА лигата и два силни меча против европски екипи не ми даваат показател за тимот. Особено што во тимот нема да ги имаме ниту Кудуз ниту Гурбиндо кои сезонава веќе играа на неколку натпревари. Едниот поради повреда, другиот поради некои други причини. Тука се браќата Њокас, кои сепак ќе имаат само еден тренинг и незнам ни во каква физичка кондиција се. Се среќаваме со екипа што игра врвен ракомет како и сите нордиски екипи, играат модерно, доста трчаат, имаат креативни играчи. Ќе биде тежок натпревар. Би било добра првиот чекор во ЛШ да го почнеме со победа, но во овој момент навистина не можам да кажам дека Вардар е фаворит на овој натпревар, иако имаме свои адути и свои шанси и ќе сториме се да го добиеме натпреварот во Норвешка"

Дарко Ѓукиќ

„Очекуваме тежок натпревар. Тие имаат млада екипа. И лани беше заедно со Вардар во иста група. Најсилна страна на Елверум е нивниот брз центар и нападот. Играат брзо, шутираат многу. Верувам дека ќе освоиме бодови. Се подготвуваме долго. И се надевам во Скопје ќе се вратиме со бодови.

 

вторник, 14 Септември 2021 - 13:25

Share on Facebook