Вардар оствари драгоцена победа на гостувањето кај Пик Сегед

Вардар одигра извонреден натпревар на гостувањето кај Пик Сегед триумфирајќи со 31-29 со што си ги зголеми шансите за повисоко место на табелата.

Во пеколна атмосфера и со мотивиран противник ракометарите на Вардар покажаа карактер и неспорен квалитет со кои освоија два многу важни бода во групната фаза од ЕХФ Лигата на шампионите.

Пресудно беше второто полувреме и Страхиња Милиќ, кој се издвои како наш јунак на овој натпревар. Пик Сегед имаше 14-13 по првите 30 минути, но потоа нашиот Џамбо стапи на сцена со неколку одбранети зицери, па Вардар направи серија од 4-0 и поведе со 17-13. По изедначениот прв дел и оваа предност изгледаше како голема придобивка, но ова било само почеток.

Вардар продолжи да го гази Пик Сегед, па по 10 минути во вториот дел имаше 20-16, а највисоката разлика беше изразена со шест гола, 25-19 во 48. минута. Имавме пет позитива сѐ до 57. минута, кога водевме со 30-25, а во последните три минути малку падна концентрацијата, па Пик Сегед се утеши со помал пораз.

Претходно, во првото полувреме беше многу понеизвесно. Вардар и Пик Сегед се менуваа во водството од самиот старт, никогаш со повеќе од два разлика. Нашите момци почнаа со 4-2, потоа имаа и 8-6 во 16. минута, но не успеаја од ова водство да создадат победничко водство. Беше 13-13 во 30. минута, кога Вардар промаши напад за водство, а потоа Јонас Калман погоди во последната секунда за минимални 14-13 за Пик Сегед на полувремето.

Сега нашиот тим има 16 бода, еден повеќе од Пик Сегед и со победа над Монпелје во последното коло, многу веројатно ќе го освои третото место во групата Б.

 

Пик Сегед – Вардар 29-31 (14-13)

Пик Сегед: Сиера 8 одбрани, Вишомирски 1 одбрана, Елизага 3, Калман 3, Робледо 3, Дос Сантос 1, Зубаи, Илјеш 3, Балог, Блажевиќ, Продановиќ 2, Бомбач 7, Парондо, Чурувија, Врањеш 1, Анчин 6.

Вардар: Штербик 2 одбрани, Милиќ 13 одбрани, Стоилов, Брумен, Тоскиќ 3, Манасков 1, Македа 8, Карачиќ 3, Душебеав 5, Абутовиќ, Лазаров, Циндриќ 2, Горбок 4, Шишкарев 2, Марсениќ 1.

недела, 28 февруари 2016 - 20:00