Вардар остана без бодови на дуелот со ПИК Сегед

Вардар1961 имаше лош почеток на дуелот со ПИК Сегед, и тој слаб период се провлече низ целиот меч што го добија гостите со 30-27 (16-9) со што „црвено-црните“ по петтипат по ред останаа без бодови во групната фаза од ЕХФ лигата на шампионите.

 
Лошиот период на почетокот од средбата кога 13 минути Вардар1961 не успеа да постигне гол, а прими дури 8 беше клучен за натамошниот развој на настаните на теренот на дуелот со ПИк Сегед. Капитенот Стојанче Стоилов го постигна првиот гол на средбата, но потоа следуваа промашувања, а се тоа го казнуваа гостите. Веќе во 11 минута тренерот Веселин Вујовиќ мораше да бара тајмаут, кога гостите имаа предност од 5-1. Но, неговите совети не сменија нешто многу, па уште четири минути траше „постот" на вардарци, за Анте Гаџа во 16 минута да намали на 2-8.

На овој меч ги немавме во составот Борко Ристовски, Али Сафар и Куни Моралес, сите поради повреда или болест. Гостите беа расположени за игра, за казнување на секоја наша грешка. Некои наши топки завршија во стативите, некои во рацете на гостинскиот голман Миклер.

Негативата брзо беше намалена на четири гола, 5-9 во 20. минута, ама надежите дека можеме да направиме пресврт немаа среќна завршница. ПИК Сегед повторно казнуваше се, и до крајот на првото полувреме разликата повторно се зголеми, на максималните „плус 7" што ги имаа гостите. Само на одмор се замина со предност од 16-9 на унгарскиот првак.

Вториот дел најави нешто подобар Вардар, а во нападот освежување беше Филип Талески кој имаше неколку убави погодоци. Пресвртот повторно беше во игра, откако Талески со неговиот втор гол по ред намали на 15-18. Се подигна и публиката на нозе. На нашите две не реализирани шанси ПИК Сегед имаше серија од пет гола по ред, и во 48 минута гостите повторно имаа „плус 5".

Имавме уште една шанса за враќање, кога намаливме на 20-24 во 51 минута, но потоа пак ПИК Сегед успеа се да казни и да „избега" на 27-21 во 53 минута. Тоа беше последниот обид, иако до крајот немаше предавање, па завршивме со само три гола негатива, 27-30.

Анте Гаџа и Тимур Дибиров постигнаа по 5 гола, а Филип Талески постигна 4 гола за Вардар.

Пред средбата, Тимур Дибиров доби подароци од клубот за влезот во „клуб 1000“ според бројот на постигнати голови во ЕХФ лигата на шампионите.

 

* Записник од натпреварот  - zapisnik_vardar1961_vs_pick_szeged.pdf

* Фото-галерија од натпреварот

 

четврток, 25 ноември 2021 - 22:45

Share on Facebook