Вардар остана без бодови на дуелот со Барселона

Во дербито на групата А од Лигата на шампионите, повеќекратниот европски првак Барселона успеа да замине од Скопје со цел плен и два бода со кои се зацврсти на првото место на табелата. Средбата Вардар - Барселона заврши со гостински триумф од 30-26 (13-9). „Црвено-црните" останаа на делба на второто место со десет бода, исто колку што имаат и екипите на Рајн некар и Кјелце.

Распродадената сала во СЦ „Јане Сандански" и одличната атмосфера беа добра најава за врвен меч. Вардарци пожртвувано го стартуваа натпреварот против Барселона, но желбата беше недоволна за „црвено – црните" да се изборат со ривалот. Игравме со многу пропусти и грешки, но и чудно долги напади од страна на противничкиот тим.

Фановите вриеја додека гостите напаѓаа. Ечеше во „Јане Сандански"од песни и поддршка за вардарци. Брзиот ритам што и вардарци се потрудија да го наметнат во играта, донесе многу грешки во подавањето, проблеми да се изборат за позиција за шут, всушност и првиот гол од пивот позиција нашиот тим го имаше дури во 29 минута од мечот. Нарушената хармонија во екипата не успеа да ја поправи ни тренерот Роналдо Гарсија, кој веќе во 7 минута од натпреварот побара тај-аут при резултат од 1 : 4 за Барса. Едноставно, Барселона го имаше приматот на теренот, а Вардар играше да одржи што помала разлика во резултатот.

Успеавме да намалиме на 4-5, а потоа до средината на првото полувреме игравме „гол за гол" . Барселона водеше, а Вардар возвраќаше. Се чекаше чии нерви ќе попуштат кој тим ќе почне да прави грешки. За жал тоа беше Вардар. Во следните 15 минути нашиот тим постигна само три гола, а гостите веќе нанижаа 13 гола. Со тој резултат, 13-9 се замина на полувреме.

Но, само што започна второто полувреме гостите продолжија да ја зголемуваат разликата. Оние 5-6 гола веќе беа стандардни, а како одминуваше времето, така беше тешко да с енаправи пресврт. Едноставно не ни одеше, а ривалот ја користеше секоја шанса.

Кога разликата беше „плус 7" за водство на Барселона од 24-17 веќе беше сериозна најава за тоа кој ќе биде победник. До крајот на средбата гостите не дозволија изненадување, се беше рутински.

ВАРДАР – БАРСЕЛОНА 26:30 (9:13)

ВАРДАР: Милосављев (8 одбрани), Гедбан (2 одбрани.), Стоилов, Поповски, Кристопанс 5, Мораеш 1, Дисингер 2, Карачиќ 1, Скубе 2, Калараш, Чупиќ 4, Дибиров 6, Шишкарев , Борозан 3, Војводиќ, Кисељев 2.

БАРСЕЛОНА: Перез де Варгас (12 одбрани и 1 седмерец.), Мелер, Мортенсен 4, Томас 1, Ентрериос, Сораиндо, Андерсон, Арињо, Н'Гесан 3, Гомез 3, Дос Сантос 1, Доленец 2, Мем 8, Дуарте 1, Палмарсон 3, Фабрегас 4.

недела, 11 ноември 2018 - 20:57