Вардар одигра перфектно во Загреб и со една нога е во четврт-финалето на ЛШ

На гостувањето во Загреб нашите момци славеа убедливо со 27-18 во првиот осмина-финален меч од ЕХФ Лигата на шампионите против ППД Загреб. Реваншот е во сабота во Скопје.

Голманот Дејан Милосављев беше прогласен за играч на натпреварот со 14 одбрани. ЕХФ го прогласи натпреварот во Загреб за меч на осмина-финалето во ЛШ, но од тоа остана за прогласувањето. На хартија требаше да биде дерби, а на терен беше ракометна лекција на „црвено-црните". Со една нога Вардар е веќе во четвртфиналето на ЛШ, иако треба да се одиграат уште 60 минути реванш средба во Скопје на 30 март во 19,30 часот.

Ако се уште не сте набавиле влезници за тој натпревар, има уште малку во продажба и тоа можете да го сторите и он-лајн преку www.ticketplus.mk. Очекуваме повторно полна сала и нов пласман меѓу осумте најдобри екипи во Европа.

Откако од самиот почеток Вардар заигра одлучно, храбро, машки и прецизно јасно беше дека од Загреб ќе се вратиме со бодови. Даинис Криштопанс ги постигна првите три гола за Вардар, потоа тргна и Дејан Милосављев да брани, па веќе во 19 минута ППД Загреб мораше да бара тајм-аут. Доминираше Вардар на теренот, пред се со добрата одбрана. Затворени беа сите приоди кон Милосављев, а притоа и ривалот се држеше на дистанца и постигна само 6 за едно полувреме.

Го одигравме натпреварот беа Вуко Борозан, но и без неговата топовска десница имавме расположени играчи. Кристијан Дисингер на моменти покажа зошто беше своевремено светски талент и зошто играше во Кил. Скубе и Карачиќ ја излудуваа одбраната, а Стоилов и Мораеш „носеа" по двајца и тројца ракометари на грб. Загреб играше и многу погрубо, што се гледа од 10-те минути исклучување, наспротив две минути на Вардар.

Одбраната на Вардар како да го изненади ППД загреб. Се што имавме замислено поминуваше и завршуваше со гол. Сезонава Вардар покажа дека на важни натпревари знае како треба да игра, и во Загреб не дозволи никакво изненадување. Во ниту еден момент домашните немаа ниту тронка надеже дека можат нешто да сторат. Главниот збор го имаше Вардар и се зависеше само од Вардар.

„Десетката" во второто полувреме беше само потврда дека и физички и ментално Вардар е подготвен. Кога Загреб ќе се понадеваше дека може да фати приклучот, Парондо ја менуваше одбраната, и повторно Загреб беше во проблеми. Во 53 минута Мартин Поповски реализира за највисоката предност, 26-15.

„Распродадената" сала во Загреб предвреме почна да се празни како најава за дебаклот на ППД Загреб и триумфот на Вардар.

 

ППД Загреб - Вардар 18-27 (6-14)

ППД Загреб: Ристановиќ, Кастелиц, Мраковчиќ 3, Божиќ-Павлетиќ 1, Контрец 1, Буриќ 1, Сршен 1, Хорват 1, Поточник 2. Јотиќ, Равниќ, Мандиќ 5, Хрстиќ 1, Бичаниќ, Влах 2, Векиќ.

ВАРДАР: Милосављев (13 одбрани, 1 седмерец), Гедбан, Стоилов 1, Поповски 1, Криштопанс 5, Мораеш 4, Дисингер 3, Карачиќ 5, Скубе 1, Калараш 1, Чупиќ 3, Дибиров 2, Шишкарев 1, Борозан, Војводиќ, Кисељев.

сабота, 23 март 2019 - 22:10