Вардар не признава шампиони - нова лекција за Кјелце во Скопје

Втора година по ред Вардар го испраќа полскиот првак Кјелце дома со „полна мрежа". Актуелниот европски првак заминува од Скопје со пораз, 34-40, по што Вардар останува сам на врвот на табелата во Б групата од ЛШ со 10 бодови.

За нашиот тим ова е 36 триумф во мечевите од ЛШ, откако се игра формат со групи. Ја надминавме и границата од 2500 постигнати голови, и истовремено поставивме нов клупски рекорд, 40 гола на меч од лигата на шампионите. И тоа, против актуелниот европски првак, што дополнително кажува за формата во која се наоѓа тимот сезонава.

Вардар уште еднаш покажа дека го знае рецептот како да игра против Кјелце. Само во првото полувреме неколку минути гостите водеа, а се друго на натпреварот беше во знакот на „црвено-црните". Особено во второто полувреме десет минути се игра „гол за гол" и се чекаше чии нерви прво ќе попуштат.
Три одбрани на Штербик, две реализирани контри за пет минути ни донесе предност од 28-25. По третпат на средбата имавме предност од три гола, но за разлика од првите две ситуации сега тоа не го испуштивме, туку и го зголемивме. Повторно две добри одбрани на Штербик, а Душебаев и Дибиров реализираа за прво повисоко водство, 31-26 во 48 минута.
Тоа беше почеток за „забревтаниот воз" на Вардар кој уште повеќе „нагази" и петте гола предност го зголеми до максимални девет (39-30) во 57 минута. Повторно се наѕираше триумф што Кјлеце ќе го памети, но за момент падна концентрацијата, и три акции останаа нереализирани. Гостите намалија на „минус 6" но сепак им остана лошиот спомен, по вторпат заминуваа со убедлив пораз, но и 40 гола, колку што никогаш досега не примиле на некое гостување во ЛШ.

* Фото галерија од натпреварот

Мечот во Скопје беше прогласен за „натпревар на колото" во лигата на шампионите, и епитетот го оправдавме. Понудивме неизвесност, борбеност а на крајот и убедлив триумф за дополнителна радост во салата во СЦ "Јане Сандански".

Почетокот на средбата ветуваше дека ќе имаме ефикасен натпревар, а ние веднаш се наметнавме како фаворити кои дома ќе се обидат да ги задржат бодовите. Поведовме со 3-1, а гостите направија пресврт з анивно водство, 6-4 во 8. минута. Двата тима беа подготвени за борба, а Вардар покажа дека се ќе стори за да го задржи лидерското место на табелата.
Поведовме со 9-6 и 10-7 како најава за прво повисоко резултатско одлепување. Но, Кјелце се држеше и израмни на 11-12 а потоа и поведе. До крај на полувремето се играше „гол за гол" а Дејан Бомбач во последната секунда донесе реми, 18-18.

* Изјави од прес конференција

Вардар одигра одлична одбрана со која не му дозволи на противникот да се разигра во напад, а нашиот напад секогаш наоѓаше начин да стигне пред голот на Филип Ивиќ. Во првото полувреме расположени за голови беа Тимур Дибиров, Лука Циндриќ и Иван Чупиќ. Во второто „експлодираа" Алекс Душебаев и Игор Карачиќ, па двајцата постигнаа 17 гола.

Во следното коло Вардар му гостува на Рајн Некар, на 17 ноември во Германија.

Вардар - Кјелце 40-34 (18-18)

ВАРДАР: Штербик (одбрани 14 топки и 2 пенала), Милиќ (одбрани 1 пенал), Стоилов, Рожерио, Македа 1, Деревен, Карачиќ 9, Душебаев 8, Абутовиќ, Кањељас, циндриќ 3, Чупиќ 2, Дибиров 8, Шишкарев 1, Борозан 4, Марсениќ 4.
Тренер: Раул Гонзалез

Кјелце: Шмал, Рајхман 4, Кус 2, Агинагалде 8, Бјелецки 3, Јахлевски 1, Ивиќ, Штрлек 2, Лијевски, Јуркевич 5, Пачковски 2, Зорман 3, Бомбач 3, Ѓукиќ 1.
Тренер: Талант Душебаев

сабота, 12 ноември 2016 - 20:22