Вардар може против сите, играме финале во СЕХА

И покрај големиот притисок како гости во Вараждин, вардарци се кренаа над сѐ и го совладаа Загреб со 26-24 во полфуиналето од СЕХА Газпром лигата.

Вардар ќе се бори за третата шампионска титула во СЕХА Газпром лигата откако заслужено славеше над Загреб во возбудлив меч во Вараждин. Нашата екипа беше подобра, речичси во текот на целиот натпревар, а кога беше најтешко на крајот успеа да го додржи водството.

Откако Загреб прв постигна гол по неполни две минути од стартот, натпреварот продолжи фантастично за Вардар. Следуваше серија од 4-0, а Арпад Штербик не беше совладан 13 минути. Натпреварот беше тврд, со многу дуели и на двете страни, затоа водевме само со 4-1 во 15. минута. Загреб почна да фаќа приклучок, но Вардар не го испушти водството до крајот на првото полувреме. Беше 7-6 во 20. минута, 9-7 пет подоцна и 12-10 на паузата.

Веселин Вујовиќ ги мотивираше своите играчи во соблекувалната па првите минути од второто полувреме беа нивните најдобри. Загреб отвори со серија од 3-0 и првпат на натпреварот поведе, со 13-12. Тоа нивно водство дојде и до два разлика неколку минути подоцна (16-14), но квалитетот на Вардар не можеше да остане скриен. Душебаев и Циндриќ беа незапирливи во овие минути, а Манасков сигурен од линијата за седум метри, па Вардар повторно наметна темпо.

Последното нерешено беше 19-19 во 51. минута, а наскоро Вардар поведе со 23-20, на четири минути до крајот. Загреб почна да игра агресивно, со пресинг, меѓутоа Душебаев погоди за 25-23 на минута и пол до крајот, а потоа и Игор Карачиќ со украдена топка и контранапад за 26-23, меѓутоа тој гол беше поништен. Загреб се обиде на секој начин да се спаси од пораз, но не успеаја притисоците и на крај триумфот заслужено ни припадна нам.

Финалето против Веспрем, в недела од 19:00 часот, ќе биде обид за трета титула во СЕХА Газпром лигата за Вардар, откако ја освоивме во 2011 и во 2013 година.

Погледнете ја галеријата од натпреварот Вардар - ППД Загреб.

Вардар – ППД Загреб 26-24 (12-10)

Вардар: Штербик 8 одбрани, Милиќ, Ангелов, Стоилов 1, Брумен, Тоскиќ 1, Манасков 6 (5), Македа 1, Карачиќ 3, Душебаев 5, Абутовиќ, Циндриќ 4, Дибиров 1, Горбок 3, Шишкарев 1, Марсениќ

ППД Загреб: Стевановиќ 5 одбрани, Ивиќ 3 одбрани, Вујиќ, Контрец 4, Шпрем, Шебетиќ 4, Марковиќ 2, Раковиќ, Хорват 6, Шушња, Ј. Валчиќ 3, Т. Валчиќ, Мандалиниќ 1, Обрановиќ, Маркоски, Павловиќ 4.

петок, 1 април 2016 - 23:55