Вардар лесно и заслужено до осми првенствен триумф

За Вардар воопшто немаше проблем да ја запише осмата победа сезонава во домашното првенство, и против Прилеп остваривме триумф од 41-24 (16-11). „Црвено-црните" остануваат лидер на табелата, а ова беше и последната контрола за Вардар пред дуелот од ЕХФ лигата на шампионите со Кил во среда во Скопје.

Иако повторно тренерот Веселин Вујовиќ мораше да комбинира со составот поради правилото за ограничен број на интернационалци, оние што беа на терен, па и на клупа, лесно, рутински и секако заслужено донесоа победа. Доминантната игра се гледа и со тоа што имавме само еден жолт картон, и две исклучувања, и ниту еднаш немаше потреба да се бара тајмаут.

Од почетокот на средбата беше обезбедено високо водство. Вардар поведе со 5-0 и овие пет погодоци беа сосема доволни за контрола на играта и мирно продолжение на средбата. Гостите намалија на три гола негатива (6-3), но тоа беше сè што успеаја во овој натпревар. Вардарци доминираа и особено во второто полувреме ја наполнија мрежата на прилепчани.

На полувреме имавме водство од 16-11 на полувреме, а потоа во вториот дел продолжи доминацијата, и беше изразена со 5-6 голови предност. Во 39. минута, Вардар остана без пивотот Валчак кој беше невнимателен и стартуваше директно во лицето на Казеин Рустамов така што доби директен црвен картон.

Вардар имаше и предност од десет голови (30-20), и тогаш продолжи да се зголемува таа разлика до максималните „плус 18" во последната минута (41-23). Таа висока разлика им овозможи и поголема минутажа на Крстевски, Савревски и на Добревски.

* Записник од мечот - vardar-prilep.pdf

* Фото-галерија од мечот

сабота, 23 октомври 2021 - 22:02

Share on Facebook