Вардар како гостин му одржа лекција на европскиот првак

Ако по утрото денот се познава тогаш и сезонава Вардар ќе биде „играч" во лигата на шампионите. Европскиот првак од 2017 година, Вардар уште на отворањето на сезоната славеше на гостински терен кај актуелниот европски првак Монпелје со 27-24.

И не само што го победи, туку и целосно го надигра реванширајќи се за лошиот ден што го имавме на полуфиналето на последниот Ф4 турнир во Келн во мај.

Вардар покажа дека иако има неколку нови играчи во составот и неколку повредени, има сила, знаење и мотивација да се бори за место на завршниот турнир од лигата на шампионите. Без Сергеј Горбок и Стојанче Стоилов кои се повредени, со само еден искусен голман - Милосављев, но со многу мотивација ја продолжија победничката низа од Монпелје. Само еднаш на гостувањата во овој град сме ремизирале, а на сите други натпревари сме победувале.

Одигравме одлично во одбрана, препознатливо како претходните сезон со одличниот милосављев меѓу стативите. Натпреварот го заврши со 16 одбрани, а особено импресивни беа трите за неколку секунди во првото полувреме. При резултат 9-9 домашните ракометари во еден ист напад не успеаја да го совладаат Милосављев. На полувреме Вардар имаше водство до 12-11 како најава за првиот триумф сезонава.

Кога на самиот почеток на второто полувреме поведовме со „плус 3" и такво водство имавме до 40 минута веќе се насетуваше нашиот триумф. Но, потоа Монпелје успеа да ги искористи нашите не реализирани шанси и да израмни, па и да поведе со 19-18. Домашните во 50 минута имаа 22-22, но тоа беше се.

Вардар повторно заигра добро, и откако зголеми на плус 4, веќе беше јасно. Бодовите одат во Скопје, Вардар ќе се радува.

Монпелје - Вардар 24:27 (11:12)

ВАРДАР: Милосављев (15 одбрани, 1 седмерец.), Кизиќ, Оцвирк, Поповски, Кристопанс 3, Фереира 1, Карачиќ 2, Скубе 5, Калараш, Чупиќ 6, Дибиров 1, Шишкарев, Борозан 8, Војводиќ, Кисељев 1, Мишевски.

сабота, 15 Септември 2018 - 19:45