Вардар јуниор издржа само 40 минути

Младите ракометари на Вардар јуниор беа блиску до изнендување уште на почетокот на пролетниот дел од машката Супер лига, но за 20 минути им пропадна се што дотогаш покажаа на средбата со Пролет 62, екипата од Топ-4. Нашите ракометари имаа водство на полувреме од средбата од 13-12, се бореа лавовски во тој период од средбата. Но, потоа падна ритамот, снемаат сила, немаа доволно квалитетни играчи за ротација, и не само што на крајот загубија туку и со убедлива гол разлика, 21-32.

А резултатот баш и не покажува како се одвиваше натпреварот, иако на крајот само тој се памети. Ова особено важи за првото полувреме во кое Вардар јуниор одигра одлично, имаше и повеќепати и водство, и пред заминувањето на одмор на полувреме и напад за плус 2. Но, не го реализираа. Дури и кога играа со три ракометари помалку поради исклучувањата на Ќосевски, Гашоски и Атансовски нашите момчиња останаа во игра и не му дозволија на ривалот да се одлепи резултатски. Одбраната беше сигурна, а она што помина таму заврши во рацете на Андреј Петковски.

Само што почна второто полувреме гостите израмнија, а потоа неколку минути беше израмнето. Но, како што почна Вардар јуниор да промашува во напад така Пролет казнуваше. Од 16-17 гостите направија серија од 7-0 и поведоа со 24-16. Тогаш веќе беше јасно дека гостите ќе победат. Уморот ги стигна нашите ракометари, падна и концентрацијата и повеќе промашуваа, а гостите казнуваа.

До крајот на регуларниот дел од првенството остануваат уште три кола, а во следното коло Вардар гостува кај Бутел.

Вардар јуниор - Пролет 21-32 (13-12)
ВАРДАР јуниор: Димов 3, Јанковски, Чакалиќ 2, Кукуловски 1, Нанов, Јакимовски 1, Постолов, Карапалевски 1, Ќосевски 1, Анѓелковски, Гашоск 1, Крстевски 7, Анѓеловски, Ѓорѓиев 1, Атанасовски 3, Петковски.

 

сабота, 2 март 2019 - 15:17