Вардар јуниор го напаѓа петтото место по големиот пресврт и триумфот против Металург 2

Нашиот втор тим во Супер лигата, Вардар јуниор одигра одличен меч против градскиот ривал Металург 2 и со голем пресврт триумфираше во 15. коло, 24-23, иако на полувреме гостите имаа предност од 13-8. Со новите бодови не само што се искачуваме повисоко на табелата туку собираме и бодови од ривалите со кои повторно веројатно ќе играме во плејаутот.

Сега по 15. коло Вардар јуниор е на шестото место со 21 бод, еден помалку од Радовиш. Зад Вардар јуниор е Пелистер со 17 бода, а Металург 2 има 7 бодови на 8. место. На последните две места на табелата се Струга и Работнички.

Во однос на есенскиот дел од сезоната сега во тимот ги нема Марко Кизиќ, Ален Ќосевски, Давид Гашевски и Дејан Кукуловски. Поради повреда на овој меч го немаше ниту Стефан Крстевски, а многу малку играше и Стефан Атанасовски кој исто така е повреден. И покрај ваквиот играчки хендикеп тренерот Стојан Петрушевски најде начин да ги мотивира играчите, да ги „разбуди" по лошот опрво полувреме во кое „црвено-црните "одиграа лошо, непеознатливо, без реализација и со многу грешки.

Веќе после 12 минути играње Петрушевски мораше да бара минута одмор за да подели совети, откако Металург 2 водеше со 5-1. Но малку можеше да се смени нешто. Ние игравме слабо, противникот ги користеше сите шанси па на полувреме имавме негатива од 5-13.

И само што почна вториот дел Вардар јуниор заигра одлично, имаше серија од 5-0 со што намали на 10-13. Веќе бевме повторно во игра. Сега ривалот бараше тајм аут надевајќи се дека ќе го прекине нашиот налет и добра игра. Имавме заостанување од 2-3 гола, ама бевме конкурентни. Одбраната беше добра, нападот многу попрецизен. Во самата завршница израмнивме на 19-19. Веќе бевме во налет и од тој момент преминавме во водство 21-20. Сега Металург 2 „бркаше" а ние умешно реализиравме.

Ѓорѓи Дука го постигна победничкиот гол во последната минута откако претходно гостите израмнија на 23-23. Токму тој ги постигна сите свои шест гола во второто полувреме, заедно со Мартин Карапалевски кој шест од осумте гола исто така ги постигна во вториот дел. Кристијан Анѓелковски покрај добрата игра во одбрана ја круниса и со три гола, сите на почетокот на вториот дел кога Вардар јуниор имаше серија од 5-0 со која го најави пресвртот.

Во следното коло Вардар јуниор гостува кај Пролет, а до крајот на регуларниот дел од сезоната остануваат и дуелите со Работнички и со Еурофарм Пелистер 2.

Вардарци ќе играат во плејаутот, дополнителни десет кола со екипите што ќе бидат пласирани од 5 до 10 место. Се пренесуваат освоените бодови од меѓусебните средби и затоа е важно да се освојуваат бодови против директните ривали.

Вардар јуниор - Металург 2 24-23 (5-13)
ВАРДАР Јуниор: Јанковски, С. Чакалиќ, Јакимовски 1, Димевски 1, Карапалевски 8, Х. Чакалиќ, Андоноски 2, Анѓелковски 3, Стојановски, Виларов, В.Крстевски 1, Трајковски, Атанасовски 2, Ј.Анжелковски, Дука 6, Гогов.

недела, 1 март 2020 - 21:26