Вардар јуниор фуриозен во кадетска и нескротлив во младинска конкуренција

Кадетите на Вардар јуниор во финишот на есенскиот дел од сезоната влегуваат како фаворити со максимален учинок во првата група од првенството, а и во младинската лига, каде играат против неколку години постари ракометари, се во горниот дел од табелата.

Избраниците на тренерското дуо Андријана Будимир и Аце Станковски славеа и на гостински терен против екипата на Еурофарм Работник во 21 : 28, со што ја потврдија третата позиција во првата група во младинска конкуренција. Искуството што во оваа категорија го стекнуваат кадетите се надградува и со резултати, односно од пет одиграни натпревари имаат три победи. Следниот натпревар според распоредот ќе се игра во СЦ „Јане Сандански" против екипата на Пелистер.

Во кадетска конкуренција, пак, Вардар Јуниор се доминантни. Двоцифрената разлика во резултатот на последниот натпревар против екипата на Балтепе, 46 : 21 е само уште една потврда за фаворитскиот статус на црвено – црните да се најдат и во фајнал 4 натпреварите на крајот од сезоната. До крајот на есенскиот дел останува уште натпреварот со Металург 2.

вторник, 26 ноември 2019 - 12:06