Вардар ја зголеми колекцијата на трофеи: Освоен 12. Куп на Македонија

Вардар останува најуспешната македонска машка ракометна екипа освојувајќи го 12. Куп на Македонија со триумфот од 31-26 (16-13) против Еурофарм Работник. За Вардар ова е четврти триумф по ред во Купот што досега на ниту еден тим во Македонија не му успеало.

Од сезоната 2013/2014 нашите ракометари се убедливи во Купот триумфирајќи на сите натпревари. Вардар првпат победи во Купот во сезоната 1999/2000 година, а во три наврати имаше и серии од по два триумфи по ред. „Црвено-црните " остануваат недостижни за другите ривали во Купот на Македонија.

Сѐ до 13. минута од натпреварот „домаќинот" Еурофарм Работник се „држеше" и имаше реми, 7-7. Потоа следуваше наша серија со која зголемивме на 10-7 а потоа и на највисоките 13-8. Во првото полувреме Страхиња Милиќ имаше шест успешни одбрани, а Иван Чупиќ со пет, и Игор Карачиќ и Алекс Душебаев со по четири голови беа најпрецизни ракометари.
Во однос на полуфиналениот меч со Металург, сега на финалето „одмор" доби Вуко Борозан, Михајло Марсениќ и Данаил Шишкарев.

Второто полувреме беше само рутина. Вардар двапати имаше водство од „плус 8“ за 27-19 и 29-21. 

Лука Циндриќ беше прогласен за МВП играч на Купот на Македонија.
Најдобар голман е Градимир Чаневски, а најдобра стрелец Филип Чурлевски.

Вардар - Еурофарм Работник 31-26 (16-13)
ВАРДАР: Штербик, Милиќ (одбрани 13 топки), Стоилов, Недановски, Мораеш 1, Македа 1, Деревен 4, Карачиќ 4, Душебаев 5, Кањељас 1, Циндриќ 5, Чупиќ 8, Дибиров 2

 

недела, 21 мај 2017 - 18:05