Вардар ја заврши 2018 со победа

Мартин Поповски со 10 гола од 12 обиди и Димитриј Кисељев со 9 гола од 11 обиди беа најзабележителните во нашиот тим.

И со комбиниран тим без повеќемина првотимци за Вардар немаше проблеми на гостувањето во Букурешт и со 34-30, и со 11 победи од 13 натпревари во СЕХА Газпром лигата сезонава ја заврши календарската 2018 година. „Црвено-црните" остануваат на првото место со 33 бода, исто колку и ППД Загреб. Од регуларниот дел на сезоната во регионалното натпреварување ни остануваат уште пет кола, и речиси и теоретски го обезбедивме местото на Ф4 турнирот.

Немаше неизвесност околу победникот, туку само со колкава разлика ќе триумфираме во Романија. Освен почетните 1-1 и 2-2 на самиот почеток се друго беше во знакот на Вардар. Можевме да победиме и со повисока разлика, но падна темпото на игра, и во последниот меч во 2018 година можевме и предвреме да почнеме со славење.

На гостувањето во Романија шанса во тимот да бидат добија и младите Мартин Димов, Дејан Кукуловски, Стефан Атанасовски и Марко Кизиќ. Во отсуство на повредените Горбок, Борозан, Морае, Дибиров и Криштопанс сега ги немаше ниту Шишкарев ниту Чупиќ. И со ваков комбиниран тим бевме расположени з аиграње, и уште на полувреме имавме високи 21-10. Тоа веќе кажуваше дека нема да има проблеми и ќе се вратиме дома со планираните три бода.

Мартин Поповски со 10 гола од 12 обиди и Димитриј Кисељев со 9 гола од 11 обиди беа најзабележителните во нашиот тим. Сите имаа свој придонесе во победата и одлично ја одиграа улогата што им ја довери тренерот Роберто Парондо.

Следниот меч од СЕХА лигата нашиот тим треба да го игра на 3 февруари во Нови Сад против Војводина.

СТЕАУА – ВАРДАР 30-34 (10-21)

СТЕАУА: Бабасафари 2, Мерла, Рапчиуга 5, Милошевиќ 5, Ставроситу, Росу, Георгеску 4, Флореа 4, Константина, Кеџо 2, Вујиќ 4, Грбовиќ 4.

ВАРДАР: Милосављев (6 одбрани и 1 седмерец), Кизиќ, Димов 1, Стоилов, Кукуловски 1, Недановски 1, Оцвирк 2, Поповски 10, Дисингер 2, Карачиќ 4, Скубе, Калараш, Војводиќ 3, Кисељев 9, Атанасовски 1..

понеделник, 17 декември 2018 - 22:06